Корејската марка ја поместува ценовната граница на својата понуда од модели со специјална серија од Sorento, со рачно изработени детали во кабината, луксузно ниво на опрема, па дури и подарок за сопственикот. Не е напразно тоа што Kia ја нарекува серијата „Masterpiece“.
Големиот теренец на Kia добива уште повисоко ниво на опрема од постоечкото и ја пробива границата од 60.000 евра. Ексклузивната серија Sorento носи ознака Masterpiece и тоа не е случајно. Голем дел од кабината е обложен рачно со скапа алкантара, вклучувајќи го и целиот таван, седиштата задолжително се обложени со црна кожа, каросеријата е лакирана во металик црна боја, поставени се алуминиумски прагови, издувниот лонец е изработен од нерѓосувачки челик, со карбон околу издувните цевки, а сето тоа е крунисано со бандажи од 20 инчи – во сјајна црна боја.
Серијата Masterpiece е ограничена на 200 примероци и се испорачува со најсилниот дизел 2.2 CRDi. Во луксузната опрема спаѓаат навигација со дисплеј од 8 инчи и премиум озвучување од Infiniti, конекција со мобилен преку Android Auto и Apple Carplay, електромотори за местење на седиштата и продолжување на седечката површина, па и вентилација во седиштата. Логото Masterpiece е втиснато во предните потпирачи за глава и во средишниот потпирач за рака, но врв е светлосниот ефект со проектирање на логото на земја при отворање на вратите. Секако дека не отсуствува и плочка „One of 200“ во кокпитот, исто како и ексклузивна патна чанта изработена рачно во Италија, како подарок за сопственикот.
Во опремата влегуваат и диодно осветлување на подот, сончев покрив, камера со приказ во 360 степени, автоматски паркирање и отпаркирање, безжично полнење мобилен телефон, автоматско отворање на капакот на багажникот, приспособливи ксенонски светла и диодни магленки во препознатливиот дизајн „Ice Cube“. Единствено што останува за доплата се трет ред седишта, отстранлива влечна кука и греење во место со далечинска контрола.
Следува и полн арсенал системи за асистенција: Самостојно запирање при опасност од судир, радарски темомат, следење лента, асистенција при промена на лента, камера за возила од попречен правец и камера за сообраќајни знаци.
Како погонска единица е задолжен 2,2-литарскиот дизел со 200 КС и 441 њутнметри, во комбинација со шестстепен автоматски менувач и погон на сите тркала Dynamаx.
Наскоро стартува и купе-лимузината Stinger, како нов знаменосец. Ценовната граница ќе се поместува повторно. Но, долниот праг останува непроменет, таму пристигаат новите генерации на Picanto и Rio.
[FAG id=27044]



















