Германската железница превезла 40.000 контејнери за Кина

Рекордна година за Германската Железница. Лани од фабриките во Германија биле испратени 40.000 контејнери по железнички пат за Кина. Патувањето долго најмалку 10.000 километри трае околу две седмици, што е за половина покусо во споредба со бродскиот транспорт.

По најдолгата железничка линија во светот, лани биле испратени рекордни 40.000 контејнери од производителите во Германија до Кина. Планот е транспортот до крајот на деценијава да се зголеми на 100.000 контејнери, што би било трипати повеќе во споредба со 2014 година.

Патувањето по железничката пруга долга 10.000 до 12.000 километри обично трае меѓу дванаесет и 16 денови, вклучувајќи многубројни претовари на контејнери, поради различната ширина на пругата. Во соработка со железниците во Полска, Белорусија, Русија, Казахстан, Монголија и Кина, Германската Железница (ДБ) го реализира превозот за половина покусо време во споредба со бродскиот транспорт.

Најголемиот дел од транспортот отпаѓа на делови за автомобили, електроника и облека. BMW, на пример, по овој пат ја снабдува фабриката за автомобили во кинескиот Шенјанг уште од 2011 година, со делови произведени во Лајпцих и Регенсбург.

Германската Железница е активна во Кина од 1966 година. Само подружницата ДБ Шенкер вработува над 5.000 лица. ДБ учествуваше во изградбата на метрото во Шангај, во развојот на брзата железничка мрежа, како и во шангајскиот Трансрапид. Кина во меѓувреме разви квалитетна продукција во железничкиот сектор, поради што ДБ во 2015 година отвори канцеларија за набавки во Шангај.

 

Претходна објаваТрамп со закана до Џенерал Моторс: „Произведувајте во САД или плаќајте царина“
Следна објаваChrysler Portal ги отвора портите штом го „здогледа“ сопственикот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here