Идниот американски претседател Доналд Трамп преку твитер му се закани на Џенерал Моторс за производството на Шевроле Круз во Мексико.
Идниот претседател на САД го нападна најголемиот производител на автомобили во земјата, Џенерал Моторс. Трамп преку твитер им се закани на Џенерал Моторс и на уште неколку домашни компании дека ќе мораат да сметаат на високи царински давачки доколку произведуваат надвор од матичната територија и потоа производите ги пласираат во Соединетите Држави.
Во твитер-пораката стои дека „Џенерал Моторс го дистрибуира моделот Шевроле Круз од мексиканска продукција до трговците во САД без да плати царина. Произведувајте го во САД или плаќајте високи увозни давачки!“ Најголемиот дел од продукцијата на Шевроле Круз доаѓа од фабриката на Џенерал Моторс во сојузната држава Охајо, но неколку моделски изведби, вклучувајќи ја и комбилимузинската верзија со пет врати, се произведуваат во Мексико. Техничката платформа потекнува од актуелната Опел Астра.
Странското производство на американските компании е трн во око на Трамп
Откако беше избран за претседател, Трамп им порача на повеќе американски компании да ги задржат продукцијата и вработувањата во САД. Странското производство на американските компании му е трн во око на Трамп. Новиот претседател ја става под знак на прашање и спогодбата за слободна трговија со Канада и Мексико.
Заканата на Трамп до Џенерал Моторс не е единствениот твит што го раздвижи курсот на акциите на големите претпријатија. Кон крајот на минатата година, тој искажа став кон Боинг којшто предизвика пад на акциите на производителот на авиони. На тоа претходеше остра препирка со Форд, откако американскиот производител на автомобили инвестираше 1,6 милијарда долари во нова фабрика во Мексико.
Мери Бара, шефицата на Џенерал Моторс, е дел од тимот економски советници на идниот претседател. Покрај тоа, Трамп има слабост кон премиум марката во рамките на концернот, Кадилак.
















