Секој втор примерок од Audi TT поседува погон quattro. Но, погонот на сите тркала досега беше достапен само за моделите со бензински мотор. Сега и дволитарскиот дизел ја испорачува моќта до обете оски во спортското купе на Audi, во комбинација со шестстепен менувач со двојна спојка.
Audi го пополнува секој сегмент што досега беше непокриен со соодветен модел, но и во рамките на постоечките модели не им се остава простор на конкурентите. Спортското купе TT досега возеше со погон на сите тркала единствено во верзиите со бензински мотор, додека дизелите беа оставени да возат без погонот quattro, којшто е еден од најсилните заштитни знаци на марката со четирите прстени. Quattro отсега ќе стои и на нив.
Во повеќето ситуации во возењето, електрохидрауличната ламеласта спојка го распределува вртежниот момент од моторот само до предната оска. Кога електрониката ќе регистрира пролизгување, спојката реагира за неколку милисекунди и ја повикува на помош задната оска. Во граничното подрачје, quattro „соработува“ и со контролата на стабилноста, којашто соодветно ги потсопира тркалата од внатрешната страна на свијокот и на тој начин овозможува уште подобра контрола и повисоки брзини во свијоци.
https://automedia.mk/objavi/25861
Колку њутнметри ќе се распределат до обете оски зависи и од избраната програма на Audi drive select – комфорна, автоматска, динамична, штедлива и индивидуална. Освен врз работата на quattro, овие програми влијаат и врз чувствителноста на педалот за гас, сервоподдршката на управувањето и на менувачот S tronic. При доплата за приспособлива амортизација Audi magnetic ride, соодветно се менува и тврдоста на амортизерите.
Дизелски 184 КС за забрзување до сто за 6,7 секунди
Дволитарскиот дизел во TT Coupe испорачува 184 КС и 380 њутнметри, што во комбинација со серискиот S tronic овозможува забрзување до сто за 6,7 секунди и крајна брзина од 234 km/h. Освен во купето, комбинацијата од 2.0 TDI и quattro е достапна во Audi TT Roadster.
Верзијата со преден погон останува и натаму во понуда. Цената на Audi TT 2.0 TDI quattro S tronic во Германија изнесува 41.250 евра, за родстерот треба да се доплати уште 2.400 евра. Испораките стартуваат во почетокот на следната година.
















