Во седиштето на Ducati во предградието на Болоња се изработуваат мотоциклите на италијанската култна марка, само по нарачка и претежно со рачна монтажа. Дневно од фабриката излегуваат до 70 примероци од последниот модел, крусерот XDiavel. Двоцилиндарецот за овој модел се составува осум часа, од еден техничар, од почеток до крај.
На четири монтажни ленти и претежно со рачна монтажа се изработуваат мотоциклите на Ducati во фабриката во Борго Панигале, предградие на Болоња. Од последниот модел на култната италијанска марка, крузерот Xdiavel, дневно се изработуваат и до 70 примероци, на иста лента со Monster и Diavel.
Завршната монтажа се одвива паралелно на десет станици и трае околу два часа. Ducati произведува само по нарачка, што значи дека зад секој мотоцикл во овие погони стои името на некој „дукатиста“, кој со нетрпение го очекува својот нов мотоцикл.
Освен завршна монтажа, во матичната фабрика во Борго Панигале се изработуваат и моторите за марката. Рачното склопување на деловите за моторот коишто пристигаат од добавувачите, конкретно за двоцилиндарскиот Testastretta DVT 1262 со 156 КС за Ducati Xdiavel, трае околу осум часа. Квалитетот на изработката секако дека добива предимство пред брзината.
„Еден мотор, еден човек“ – култот на изработката се негува во Борго Панигале
На еден мотор работи само еден техничар, според принципот „One Man, One Engine“, од почетокот до завршетокот на монтажата. На крај, моторот се предава на тестирање на пробна рампа, кадешто моторот работи без гориво, односно неговото коленесто вратило го движи електромотор. Притоа најразлични сензори проверуваат дали сите подвижни делови работат беспрекорно и дали параметрите се во зеленото подрачје. Доколку тестирањето мине успешно, следи спојување на моторот и шасијата.
Моторот се пренесува со кран до почетокот на монтажната лента и се прицврстува на транспортна санка, по што се монтираат рамката, предната вилушка, воланот и издувниот систем. Двоцилиндарецот има „носечка“ улога, односно на него се прицврстува решеткастата цевна рамка и целата останата конструкција на мотоциклот.
Полузавршениот мотоцикл потоа се поставува на подвижната лента, заедно со транспортната санка и придружниот алат. Следна фаза е поставување на каблите и рутински завршни чекори во изработката, како и строга контрола на квалитетот.
Производствените хали на Ducati се изградени кон крајот на 1960-те години и во меѓувреме стануваат претесни да го задоволат растечкиот интерес за мотоциклите на марката. Лани продажбата достигна рекордни 44.000 примероци. Ducati денес е во сопственост на Audi.
Како техничарите на Ducati ги составуваат 1.300-те делови на XDiavel погледнете на видеото:
https://youtu.be/0RChmgdHJEk



















