Шест примероци од Honda Clarity Fuel Cell ќе им се придружат на возилата од останатите производители во проектот „Водород за иновативни возила“, којшто има за цел да ги убеди приватните и деловните корисници во предностите на погонот на водород. На тестирање, Honda Clarity измина близу 600 километри, што е најголем досег постигнат од сериски автомобил со нулта емисија на штетни материи.
Првите шест примероци од Clarity Fuel Cell, моделот на Honda со погон на водород, пристигнаа на европска почва. Возилата ќе се користат во Лондон и Копенхаген како дел од заедничкиот проект „Водород за иновативни возила“ којшто има за цел да ја убеди јавноста во предностите на погонот со горивни ќелии, односно „водородниот“ погон.
Honda Clarity Fuel Cell е прва лимузина со водороден погон, чијашто погонска единица е комплетно сместена под хаубата, со што останува повеќе простор за пет патници во кабината. Во неодамнешното тестирање од страна на американската агенција за заштита на животната средина, Honda измина 589 километри со полни резервоари со водород, што е повеќе од кој било друг автомобил со нулта емисија на СО2.
Вкупно 185 возила учествуваат во проектот за водороден погон во 6 држави
Јапонската марка го истражува и развива погонот на водород во последните 30 години. Пристигањето на Honda Clarity Fuel Cell на европска територија и учеството на марката во заедничкиот проект „Водород за иновативни возила“ е чекор понапред до целосната комерцијализација на оваа технологија. Кога проектот ќе се реализира целосно, возниот парк ќе опфаќа 185 возила со погон на водород од пет производители, коишто ќе им бидат достапни на приватни и деловни корисници во Австрија, Данска, Германија, Италија, Шведска и Велика Британија.
Претседателот на компанијата, Такахиро Хачиго, неодамна изјави дека две третини од глобалната продажба на Honda во 2030 година ќе бидат возила со електричен погон, кадешто спаѓа и водородниот погон.
















