Audi ќе претстави уште седум нови модели со значката RS

Спортското одделение на Audi работи на седум нови модели што ќе добијат RS-третман. Тоа го потврди шефот Штефан Винкелман во интервју за британскиот магазин Autocar. По две години, бројот на модели RS во понудата на Audi Sport ќе брои вкупно 15 модели. Тоа е одговор на конкуренцијата од BMW и Mercedes.

Бројот на чистокрвни спортски модели со беџот RS во понудата на Audi е далеку од незначителен. Стартот го одбележуваат лимузинскиот RS 3 со 2,5-литарски TFSI со 400 КС и спортскиот теренец RS Q3 со истиот мотор, но со 340 КС, односно 367 КС во RS Q3 performance, додека на врвот е R8 V10 plus со 5,2-литарец со 610 КС, во купе и во родстер изведба. Меѓу нив следат комбито RS6 и купе-лимузината RS7, како и двете каросериски изведби на TT RS. Тоа се вкупно осум модели од специјалното одделение Audi Sport, некогашен quattro GmbH.

Audi Sport под раководство на поранешниот шеф на Lamborghini

Според изјавата за британскиот Autocar на Штефан Винкелман, шеф на Audi Sport и поранешен прв човек на Lamborghini, понудата од модели со значката RS до почетокот на 2018 година ќе се зголеми двојно, на вкупно 15 модели. Винкелман не открива кои се седумте нови модели што треба да бидат „преработени“ во RS. Но, може да се погодува. Извесно е дека меѓу нив ќе се најдат обновените генерации на RS4 и RS5, за првпат ќе се нуди и RS Q5, а малечкиот кросовер Q2 исто така ќе добие верзија RS.

Лимузинскиот Audi RS3 стартува со продажба следната година
Лимузинскиот Audi RS3 стартува со продажба во средината на следната година – прво во САД и Кина, а потоа и во Европа

Во гамата на суперспортскиот R8 моментно недостига „основна“ изведба. Таа ќе се појави следната година, со мотор V6 од актуелната Porsche Panamera. Неизвесноста е околу преостанатите два нови модела на Audi Sport. Логично е на купето RS5 да му се придружи и верзија RS5 Sportback, исто како што е логично во понудата да се најде и кабриолет.

Шпекулациите за RS6 allroad, за комплетно нов модел R6 во понудата меѓу TT и R8, како и за заживување на рели-иконата Audi sport quattro, веројатно ќе останат на тоа.

Претходна објаваЕлектричната револуција јури под полн напон: Над 20 модели со погон на струја
Следна објаваBMW Alpina го испорача петилјадитиот автомобил за Јапонија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here