Германските возачи на електромобили ослободени од данок

Германската влада ги продолжи привилегиите за возачите на електрични автомобили. Секој иден сопственик на автомобил со погон на струја, освен 4.000 евра, од државата добива и ослободување од плаќање данок при првата регистрација на возилото. Ова ослободување ќе важи во следните 10 години, место досегашните пет години.

Возачите на автомобили со електричен погон во Германија ќе бидат среќни со одлуката на владата да го продолжи привилегираниот период за чистиот погон. Покрај тоа што германската влада веќе покрива по 4.000 евра од цената на возилото, сите нови сопственици на автомобил со погон на струја, при првата регистрација се ослободени од плаќање данок.

Германскиот совет во јануари годинава одлучи сопствениците на електромобили да ги ослободи од данок при првото регистрирање на возилото и беше замислено тоа да се применува во следните пет години. Сега овој период е продолжен на десет години. Покрај тоа, сопствениците на автомобили со електричен или плагин-хибриден погон нема да плаќаат данок за струјата што ќе ја користат на полначите во фирмата кадешто работат. Истото важи и за службени возила што вработените ги користат приватно.

Германија со 4000 евра за електрични и 3000 евра за приклучен хибриден погон

Германската влада има цел возниот парк од возила со електричен и приклучен хибриден погон (како што во Електромобилност Македонија вешто го протолкуваа поимот plugin-hybrid) да достигне еден милион возила до 2020 година. Владата го субвенционира купувањето автомобил со приклучен хибриден погон со 3.000 евра, односно автомобил со електричен погон со 4.000 евра. Половината од буџетот за оваа намена потекнува од даночни средства, втората половина од производителите, односно увозниците на автомобили.

Пред неколку денови Сојузниот совет излезе со став возилата со бензински или дизел мотор да се повлечат од продажба по 2030 година.

Во првите три квартали од годинава на германскиот пазар се продадоа 5.967 автомобили со погон на струја и 7.737 автомобили со приклучен хибриден погон, додека лани продажбата достигна 12.097 електромобили и 11.111 приклучни хибриди. Во земјата се поставени 13.027 нормални и 1.190 брзи полначи за струја за јавно користење.

Претходна објаваОва е најсмешната автомобилска реклама
Следна објаваБританската влада вложува 10 милиони фунти во полначи за електромобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here