Заради усовршување на технологијата за автономно возење, тест-возачите на Volkswagen во САД применуваат и необични решенија. Некои од нив се облечени како автомобилски седишта.
За автономното возење да се одвива беспрекорно, автомобилите мора да научат да ги толкуваат и невербалните знаци од луѓето. Заради утврдување на овие знаци, американскиот огранок на Volkswagen ги облекува тест-возачите како автомобилски седишта. Додека возат, тие кај минувачите побудуваат впечаток дека автомобилот е управуван од компјутер. Според Volkswagen, тоа се прави со цел да се дознае како автономните возила влијаат врз невербалната комуникација меѓу луѓето. Концернот ја развива техниката за автономно возење и други идни технологии во калифорнискиот Белмонт.
Како пример за тоа што всушност тестира Volkswagen, може да послужи крстосница без регулирано право на предимство, на којашто истовремено чекаат четири автомобили. На ваква крстосница не функционира правилото за давање предимство на возилото оддесно. Возачите во ваков случај обично комуницираат преку гестикулација. Автономните возила мораат да ги распознаваат и да ги толкуваат овие гестикулации.
















