Volvo отвора работни места за 400 софтверски инженери

Швеѓаните сериозно се впуштаат во усовршувањето на технологијата за автономно возење и системи за асистенција, со ангажирањето на четиристотини софтверски инженери кои ќе работат во двата развојни центри на Volvo. Неодамна беше објавена и соработката со Uber, а за три години пристига и првиот електричен автомобил од шведската марка.

Во следните дванаесет месеци Volvo ќе вработи 400 инженери, првенствено во подрачјето на развој на автомобилски софтвер. Новоангажираните експерти во најголемиот вработувачки бран во историјата на шведската марка ќе работат во центарот за истражување и развој на Volvo во Гетеборг, но дел од нив ќе бидат активни и во посебниот центар во универзитетскиот град Лунд на Југот на Шведска, кадешто веќе во септември почнуваат со работа првите 35 инженери.

Volvo инвестира во автономно возење и електрификација на погонската спрега, исто како и во активни безбедносни системи, како подрачје во коешто шведската марка отсекогаш имала предводничка улога. Во моделите од врвот на понудата S90, V90 и XC90 веќе работат напредни системи, како препознавање на диви животни на патот и заштита при опасност од излетување од патот. Последниов систем препознава опасност од излетување на возилото од патот и автоматски ги затегнува предните безбедносни ремени, заради навремена заштита на патниците.

Неодамна Швеѓаните ја објавија соработката со алтернативното такси Uber во развој на следната генерација на автономни возила. Покрај тоа, Volvo планира тестирањето на автономното возење во реални услови да го прошири и во Лондон и во Кина, откако в година ќе стартува со пилот-проектот „Drive Me“ во Гетеборг. Volvo вложува и во електрификацијата на погонската спрега, со план да ја презеде водечката улога во ова поле и во секоја моделска серија да нуди барем по еден плагин-хибриден модел. Веќе е потврдено дека во 2019 година пристига првиот електричен автомобил на Volvo.

Претходна објаваŠkoda Kodiaq: Сега и теренците го имаат својот Superb
Следна објаваFerrari на пат да има уште една рекордна година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here