Во швајцарскиот град Зитен започна втората фаза од тестирањето на јавен автобуски превоз – без возач. Плановите на Швајцарската Пошта, којашто учествува во јавниот превоз во градот, досегаат многу подалеку.
Швајцарската Пошта тестира два автономни автобуси во градот Зитен, во кантонот Валис. Снабдени со сензори за светлина и камери, тие речиси секојдневно циркулирааат низ градот. Секој може да се качи во автобусите бесплатно, за разлика од автомобилот на Google, во когошто се превезуваат само експертите на фирмата.
Петметарските роботизирани автобуси ги пропуштаат детските колички, ги почитуваат сообраќајните правила и влегуваат во тесните улични со сантиметарска точност. Тестирањето е предвидено да трае до октомври следната година, а заради безбедност во автобусите секогаш е присутно службено лице коешто интервенира во случај на опасност, користејќи конзола за PlayStation, во замена за волан и педали – коишто не постојат во овие автобуси.
Со овој проект, Поштата се вклучува во трка за иднината на мобилноста. Повеќето производители на автомобили учествуваат во проекти за роботизирано такси. Во следните недели се очекува алтернативното такси Uber да започне со испраќање автономни возила на Volvo до своите корисници во американскиот град Питсбург. Исто како во Зитен, во возилото секогаш ќе биде присутно службено лице заради интервенција при опасност. Во слични проекти се активни и Volkswagen и General Motors.
Наскоро можност за повикување на авотобусите преку мобилна апликација
Планот на Швајцарците е во догледно време да им овозможат на корисниците да ги повикуваат автономните автобуси преку мобилна апликација директно од местото на коешто сакаат да пристигне автобусот. Посебен софтвер ќе ги коррдинира желбите на одделните корисници и соодветно на тоа ќе ги испраќа автобусите до нив. Сличен проект неодамна започна и во Хелсинки. Намерата во обата проекта не е да се замени постоечкиот јавен превоз, туку да се понудат дополнителни можности за корисниците.
Роботизираните автобуси во Зитен во моментов се движат со брзина од само 20 километри по турата долга 1,5 километар, по виртуелни „шини“. Во турата се вклучени и неколку места во пешачките зони во градот. Според експертите во проектот, движењето низ градска средина во моментов е многу поголем предизвик отколку возење по автопат.
Сензориката уште наидува на потешкотии во секојдневието. Инженерите ќе мора да ги надминат проблемите, како гранка надвисната над патот, којашто електрониката ја препознава како пречка на патот и активира силно сопирање, или погрешно паркиран автомобил, зад когошто автобусот запира место да го обиколи. Секако дека безбедноста е најважна, но тоа не мора да доведува до целосно „блокирање“ на техниката.
Потребн е да се сменат и законските одредби, како и осигурителните полиси
Тестирањето меѓу другото треба да покаже и дали кај корисниците постои интерес за ваков вид услуга. Досега се добиваат само позитивни реакции. Љубопитни намерници пристигаат од целата земја, па дури и од странство. Експертите сепак ценат дека е потребно технологијата да созрева уште неколку децении, додека автономните возила научат да се снаоѓаат во сите можни ситуации во сообраќајот, вклучувајќи и темница или дожд. Дополнително треба да се сменат и законските одредби, како и осигурувањата за овој вид на возила.
















