Ова се најскапите автомобили во светот

Колекционерите на вредни олдтајмери живеат среќни времиња. Во последниве години се бележат рекордни суми при смената на сопственикот. Два модела на Ferrari „спорат“ околу титулата најскап автомобил.

Примероците од малите моделски серии на Ferrari, особено оние што имаат испишано важни историски поглавја, предводат на списокот на најскапи автомобили. Суперспортските автомобили станаа исплатлива инвестиција, за коишто колекционерите се подготвени да платат и неколку десетици милиони евра за да преминат во нивна сопственост. Вредноста на Ferrari 355 S Spider Scaglietti, на пример, секоја година се зголемува за по најмалку еден милион евра. Тоа е повеќе отколку што може да исплати која било банка како камата за милионски влогови. За овој список ги избравме петте најскапи автомобили во неколку различни категории.

Најскап автомобил во светот, 1-ва верзија: Ferrari 355 S Spider Scaglietti од 1957 година

ferrari 355 s spider scaglietti

Новите автомобили на Ferrari се скапи, олдтајмерите на Ferrari достигнуваат цени што се на границата на разумот. Еден ентузијаст на марката од Маранело испроба колку точно изнесува оваа граница и плати 32,1 милиони евра за тркачки автомобил на Ferrari од 1957 година. Отворениот двосед со број на шасија 0674 стартувал на Леман, на Миле Миља и на многубројни трки за големата награда, а зад воланот биле најпознати имиња, како Стирлинг Мос, Луиџи Мусо или Волфганг фон Трипс. Ferrari 355 S Spider Scaglietti ја започнал својата кариера со 3,8-литарски мотор V12 со 365 КС, за неговата работна зафатнина подоцна да биде зголемена на 4,1 литри. По активната кариера, тркачкиот болид завршил во бесценетата колекција на Пјер Бордино, заедно со уште 49 модели на Ferrari. Годинава, автомобилот го смени сопственикот по највисоката цена во евра постигната на наддавање.

Најскап автомобил во светот, 2-ра верзија: Ferrari 250 GTO Berlinetta од 1962 година

ferrari 250 gto 1

Право на титулата најскап автомобил на светот полага уште еден автомобил од Маранело. Ferrari 250 GTO Berlinetta од 1962 година, на наддавањето во Њујорк во 2014 година се продаде за 38 милиони долари, што според тогашниот курс изнесуваше 28,5 милиони евра. Доколку се смета според актуелниот курс, вредноста на овој автомобил изнесува 34 милиони евра. Во секој случај, обата модела полагаат право на титулата најскап автомобил во светот и обата се Ferrari. Овој 250 GTO Berlinetta сепак има малку потрагично минато, затоа што возач загина зад воланот. Тешко оштетеното возило по незгодата беше реставрирано во Маранело.

Најскап нов автомобил: Lamborghini Veneno Roadster (2013 година)

Veneno Roadster пред две години се продаде за близу шест милиони евра

За педесетиот роденден во 2013 година, Lamborghini си дозволи да се почести со нешто посебно, со спортски болид вреден 3,9 милиони евра. Како техничка основа за Veneno Roadster послужи Aventador, кој и самиот е суперексклузивен, а за астрономската сума се погрижи безграничната примена на карбон за секој дел што можеше да се изработи од лесниот и скап материјал. Каросеријата од карбонски влакна е „испечена“ во форма на борбен авион, којашто уште повеќе го нагласува агресивниот дизајн на марката. На тоа следеше и солидно „допингување“ на дванаесетцилиндарскиот мотор, којшто по третманот достигна моќност од 751 КС. Во Сант Агата се погрижија и за иднината на Veneno. Со серија од само 9 примероци од родстерот и четири примероци од купето, Veneno ќе достигнува рекордни вредности и кога во иднина ќе дојде време да се менува сопственикот.

Најскапа лимузина во светот: Mercedes-Maybach S600 Pullman

mercedes-maybach s 600 guard (2)

Високите цени не се резервирани само за суперспортските автомобили. Луксузните лимузини не заостануваат ниту со моќноста под хаубата, ниту пак со цената што ја наплаќаат производителите. Овие ексклузивни крстосувачи обично ги надминуваат по неколкупати бројките што стојат во ценовникот, но ако овие цени земат како ориентир, највисоката вредност не ја достигнува ниту модел на Rolls-Royce, ниту на Bentley, туку модел на реанимираната подмарка на Mercedes, Maybach. Со 600.000 евра како појдовна основа во ценовникот, Mercedes-Maybach S600 Pullman е во мала предност пред Rolls-Royce Phantom со продолжено меѓуоскино растојание. Како противвредност, лимузината од 6,50 метри нуди сепаре за четворица патници обложено во најквалитетна телешка кожа и дванаесетцилиндарец под хаубата, со 530 КС. Во оваа категорија, „основните“ цени сепак се релативни. Доколку сопственикот го нарача својот Phantom со злато, брилијанти или исклучително ретка кожа од албино хермелин, Rolls-Royce сепак го презема водството.

Најскап автомобил од „евтина“ марка: Dacia Duster dCi 110 4×4 Urban Explorer

dacia duster

Колку може да се плати најмалку, а сепак да се вози нешто посебно? Вистинскиот одговор на овој парадокс може да го понуди евтината марка на Renault, романската Dacia. Со релативно мал буџет, сопственикот на Duster dCi 110 4×4 Urbax Explorer смее да се чувствува како дел од ексклузивниот клуб на сопственици на „најскапите“ автомобили. За 17.500 евра, колку што чини специјалната серија Urban Explorer од солидниот теренец на Dacia, следува 1,5-литарски дизел со 110 КС и погон на сите тркала, но и изобилство од опрема што ќе ги задоволи и најпребирливите купувачи.

Претходна објаваMercedes E-Class избран за најдобар бизнис-автомобил од Британците
Следна објаваOpel ја стопира испораката на Karl: Грешка во монтажата во Кореја

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here