Новодојденецот во сегментот на спортски теренци наскоро ќе се впушти во битка против најмоќните. Maserati Levante со осумцилиндарецот со најмалку 530 КС ќе вози против Range Rover SVR и Porsche Cayenne Turbo.
Првиот човек задолжен за моделската понуда на Maserati, во интервју изјави дека спортскиот теренец Levante наскоро ќе го добие моќниот осумцилиндарски мотор од Quattroporte. Според Давиде Данесин, сестринската марка на Ferrari веќе го тестира прототипот во којшто е вграден 3,8-литарскиот мотор со битурбонатполнење и моќност од 530 КС.
Во моментот кога Maserati Levante ќе се појави на пазарот во оваа моќна верзија, Porsche Cayenne Turbo со 520 КС и Range Rover Sport SVR со 550 КС ќе добијат силна, но и достојна конкуренција од италијанската марка. Во моментов, најсилната моделска изведба на спортскиот теренец на платформа од Ghibli вози со шестцилиндарец со битурбо натполнење и 430 КС.
















