Nissan се пофали со рекордна продажба на службени електрични возила

Европските фирми се ориентираат кон електричниот погон во своите возни паркови, за што сведочи и растот од 45 проценти во испораката на електрични возила од лидерот Nissan.

Во службените возни паркови во Европа сé повеќе се присутни електричните автомобили, што се покажува во продажбата на Nissan, како лидер во електричниот погон. Компактот Nissan Leaf и ванот e-NV200 веќе четврта последувателна година се во нагорна линија во продажбата. Во минатата деловна година, јапонскиот специјалист испорача над 7.500 електрични автомобили за возните паркови на приватните компании и државните институции, што претставува една третина од овој пазарен сегмент. Моментно над 20.000 електромобили на Nissan возат за фирмите и институциите во Европа.

Операторите на возните паркови ги гледаат предностите на погонот на струја во ниските оперативни трошоци, кои Nissan ги проценува на три евроценти по километар, според европските цени на струјата. Трошоците за сервисирање исто така се пониски во споредба со конвенционалниот погон и поради помалиот број на подвижни делови во погонската спрега истите се за околу 40 проценти пониски отколку за возилата со бензински или дизел мотор. Секако дека не смее да се превидат и големите даночни повластици за електричните возила во европските држави.

Поштенските служби најчесто се решаваат за електричниот погон

Меѓу најголемите клиенти се поштенските служби. Австриската пошта моментно располага со 160 електрични комбиња Nissan e-NV200, а неодамна нарача уште 100 примероци. За државните институции во Велика Британија возат 350 електрични возила на Nissan. Во италијанскиот град Бари веќе се испорачани 30 примероци од Leaf кои им стојат на располагање за изнајмување на жителите и туристите во градот.

Nissan Leaf останува најпродавано електрично возило на светскиот пазар, со 220.000 примероци. Во ланската деловна година, во Европа се продадоа близу 17.000 примероци од електричниот компакт на Nissan, што е нов рекорд.

Претходна објаваЗошто големите производители стравуваат од Tesla
Следна објаваMercedes E-Class: Разоткривање на новата ѕвезда (Системи за асистенција)

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here