Зошто големите производители стравуваат од Tesla

Автомобилската индустрија се наоѓа пред најголемата пресвртница во историјата. Исто како и многупати досега, надворешните играчи се тие што ги менуваат правилата. Зошто Tesla е подобар од останатите?

Автомобилската индустрија се менува од корен. Дигитализација, автономно возење и електричен погон се новите главни правци во браншата што во изминатите 130 години се темелеше врз сосема различни конструктивни начела. Исто како и многупати досега, промените потекнуваат од досега непознати актери, што доаѓаат однадвор, од другите бранши. Тие имаат производ што се разликува, нова технологија или различен начин на деловно работење, со што отвораат сосема нов пазар.

Целата стратегија започна да се одмотува со Tesla Roadster, како доказ дека електричните автомобили можат да бидат и спортски
Целата стратегија започна да се одмотува со Tesla Roadster, како доказ дека електричните автомобили можат да бидат и спортски

Големото име во автомобилската бранша денес гласи Tesla Motors. Новата историја на електричните автомобили ќе се води според времето пред и по калифорнискиот специјалист за автомобили со погон на батерии. Пред претставувањето на Tesla Roadster во 2008 година, само малкумина производители се занимаваа со електричниот погон. Но, Tesla Roadster, а по него и Tesla Model S, докажаа дека електричните автомобили повеќе не се бавни и тромави превозни средства и можат да бидат привлечни за купувачите.

Tesla понуди футуристички дизајн, напредна технологија, голема автономија и сето тоа придружено со солидни перформанси за уживање во возењето. Калифорниските автомобили одненадеж се најдоа во голема предност пред класичните престижни лимузини со бензински или дизел мотор. Сопствениците повеќе не мораа да стравуваат дека возилото ќе им остане без струја, затоа што Tesla вгради доволен број литиум-јонски батерии за возилото да постигнува досег и од над 500 километри.

Изградбата на сопствена мрежа од полначи беше силен поттик за продажбата

Истовремено, калифорнискиот специјалист самостојно инвестираше во изградба на мрежа од полначи за струја на најважните пазари, место како останатите производители да се жали на недостигот од доволен број станици за полнење на батериите на електричните автомобили. Полначите не се обични, туку се „супершаржери“, кои ги полнат батериите на Model S за само половина час. На тој начин, со електричните автомобили на Tesla може да се совладуваат големи растојанија исто како со обичните возила. За дополнителен поттик, струјата на полначите е бесплатна за клиентите.

tesla model s avtonomijaОсвен во електричниот погон, Tesla се разликува и по иновациите што останатите производители уште не ги нудат во своите сериски автомобили. Софтверот во Model S може да се обновува исто како кај паметните телефони, преку безжична мрежа. Заедно со обновувањето се добиваат и нови функции, без потреба од посета на сервисната работилница на марката. Овие софтверски освежувања наскоро ќе прераснат во стандард во целата бранша.

Следниот генијален чекор на Tesla беше создавањето на понуда од модели по принципот од горе надолу. Прво се појавија скапи луксузни лимузини, кои се издвојуваа од конкуренцијата со електричниот погон. Со цена на возило од 100.000 долари, Тesla имаше доволно простор за заработката од продажбата да ја инвестира во развој на нови технологии и да ги поврати вложените средства во развој на постоечката технологија.

Прво поскапите автомобили, потоа и автомобилите за поширокиот пазар

Со успехот на Model S и на кросоверот Model X се отвори и апетит за освојување на масовниот пазар. Со 325.000 нарачки за евтиниот Model 3 со цена од 35.000 долари и резервација во висина од 1.000 долари по автомобил, Tesla собра 325 милиони долари во својата каса – за само две недели!

tesla model xНаспроти големите производители на автомобили, Tesla се посветува само на развојот на електричниот погон. Нема развој на хибриди, бензински и дизел мотори, водороден погон. Милијарди долари се инвестирани во „мегафабриката“ за батерии, кадешто Тesla независно ќе ги произведува батериите, по пониска цена во споредба со конкуренцијата, поради големата серија во којашто ќе се произведува Model 3. Од тоа ќе профитираат и останатите модели на марката.

Интелигентниот маркетинг е следното силно оружје на специјалистот за електрични автомобили. Иако не располага со буџет за маркетинг, не соработува со рекламни агенции и не поседува независна дилерска мрежа, фирмата нема апсолутно никаков проблем да го привлече вниманието на светот. Илон Маск, основачот и претседател на Tesla, има 2,5 милиони фанови на твитер, кои ги информира за новитетите од неговата фирма и истите преку вирален ефект се пренесуваат понатаму до многу поширока народна маса. Tesla не гради скапи штандови на големите салони на автомобили, туку организира сопствени настани за избрана публика. Во тој поглед, Tesla е „автомобилскиот Apple“. Исто како што легендарниот Стив Џобс се поистоветуваше со Apple, Илон Маск е фигурата што ја симболизира Tesla.

Неизвесност како Tesla ќе се снајде во улога на големосериски производител

Иднината на Tesla сепак е неизвесна и зависи првенствено од успехот на Model 3. Со овој автомобил, фирмата влегува во сегмент каде што владее остра конкуренција. Предизвикот е во тоа што Model 3 ќе почне со испорака дури кон крајот на следната година. Дотогаш и останатите големи производители ќе бидат присутни во овој сегмент и ќе нудат слични производи, со споредлива цена и перформанси.

tesla model 3-2Со преоѓањето од „мануфактура“ во големосериски производител со годишна продукција од 500.000 возила, Tesla може да ја изгуби предноста пред докажаните играчи во браншата. Во големосериското производство мора да се внимава на секој детал, во производствените процеси, во квалитетот, логистиката, буквално во секое подрачје. Тука лежи најголемата опасност за Tesla.

Илон Маск докажа дека главниот проблем за електричните автомобили не е наводниот слаб интерес на купувачите, туку слабата понуда од соодветни автомобили и технологии. Во почетокот, браншата го исмеваше и го игнорираше калифорнискиот производител. Денес ситуацијата е сменета и голем број од главните играчи во браншата го копираат бизнис моделот на Tesla. Независно каква ќе биде иднината на фирмата, Tesla веќе ја револуционираше автомобилската бранша.

Претходна објаваMazda расте побрзо од европскиот пазар на автомобили
Следна објаваNissan се пофали со рекордна продажба на службени електрични возила

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here