Дигитална табла со инструменти голема колку телевизор, седишта со најразновидна понуда од масажни третмани и амбиентално осветлување во 64 бои. Новата класа Е буквално е втор дом.
Секое пристигање на нова генерација од Mercedes E-Class може да се смета како почеток на нова ера, како за марката, така и за целата бранша. Секое подрачје од автомобилот носи новитети и „разоткривањето“ на тоа што има да го понуди E-Class не се сведува на сменета маска или нова графика на средишниот дисплеј, туку се работи за суштински промени што укажуваат на правецот во кој продолжува развојот на автомобилите. Во оваа серија ги разоткриваме сите подрачја од W 213, едно по едно.

Главен елемент во луксузната изведба на внатрешноста на новата E-Class се двата дисплеи со пречник од по 31,2 сантиметри и резолуција од 1920 х 720 точки. Двата дисплеи се спојуваат под заедничко стакло во широк екран, нагласувајќи ја на тој начин ширината на кабината. Директно пред возачот е дисплејот со виртуелни инструменти, со можност за избор на класичен, спортски или прогресивен изглед на инструментите.
Наспроти луксузната изведба, стандардниот модел на E-Class располага со два класични инструменти и дисплеј од 17,8 сантиметри меѓу нив, со резолуција од 1000 х 600 точки, додека над средишната конзола се наоѓа дополнителниот дисплеј од 21,3 сантиметри и резолуција од 960 х 540 точки. Сите овие елементи се опфатени во панел со финиш на црн клавирски лак со висок сјај. Посебен ефект се постигнува во комбинација со амбиенталното осветлување во повеќе бои, кога широкиот дисплеј во луксузната изведба создава впечаток како да лебди над кокпитот.
Ракување со функциите исто како кај паметен телефон
Иновација кај E-Class се контролите што реагираат на допир и се вградени во самите краци на воланот. Двете контролни површини реагираат исто како дисплеј на паметен телефон, односно ги прифаќаат хоризонталните и вертикалните повлекувања со прст преку дисплејот. На тој начин се олеснува ракувањето со сите функции на инфосистемот, се штеди на простор и дланките остануваат на воланот. Покрај двете контролни површини се наоѓаат по четири копчиња, со вообичаените функции како дотерување на силината на звукот или ракување со телефон.

Втор начин за внесување команди е полето на допир во средишната конзола, познато од C-Class, на коешто може со прст да се испишуваат букви, бројки и специјални знаци. Системот го препознава „ракописот“ на возачот и реагира соодветно, без потреба возачот да го трга погледот од патот. Зад ова поле се наоѓаат три копчиња кои реагираат на допир, со функција за враќање во претходното мени, за влегување во листата на фаворити и кусо аудио-мени.
Постои и трет начин за внесување команди за инфосистемот, преку Comand Controler и систем за говорна команда Linguatronic. Директниот пристап до главните функции, вклучувајќи ја климатизацијата, останува на класичните команди. За првпат се воведува и поедноставено вклучување и исклучување на системите за асистенција, место мачно да се пребарува по менито.
Анимирани место статички дисплеи, како поздрав од паметните телефони
Заедно со иновациите во ракувањето пристигаат и поуверливи анимации на дисплеите при вклучувањето на функциите – како поздрав од светот на паметните телефони и таблети. Тоа е најочигледно преку анимациите кои кратко и јасно прикажуваат како функцонираат одредени системи за асистенција, односно како влијаат различните модуси на приспособливото подвозје Dynamic Select. Истото важи за советите за штедливо возење.

Начинот на коишто се составени менијата за пристап до многубројните функции исто така го следи секојдневието со паметните телефони. Како изненадување пристига тоа што E-Class досега воопшто не поседувал проекциски дисплеј, наспроти конкурентот од Минхен, кој го пропагира истиот како врвно достигнување. Отсега и Mercedes ќе го нуди овој „headup-display“, со вообичаените информации и ракување со него.
Во поглед на стилот, внатрешноста на E-Class се пронаоѓа во средина меѓу спортската нота од C-Class и луксузната класа на знаменосецот. Идејата на дизајнерите била да спојат форми што оддаваат голем волумен и имаат импресивно изведени површини, со авангардна технологија и напредно ракување. Четирите тркалезни отвори за проветрување како во S-Class укажуваат на идејата E-Class да се доближи повеќе до луксузниот до „народскиот“ сегмент.
Различна средишна конзола во зависност од менувачот
Средишната конзола се изведува во две различни варијанти, во зависност од изборот на менувач. Моделите со автоматски менувач имаат средишна конзола што во заоблена линија се втопува директно во кокпитот, со површина што игледа како стакло на црна подлога. Истиот стил со црната боја продолжува и во полињата со прекинувачи во вратите. Наспроти тоа, верзиите на E-Class со мануелен менувач ќе се испорачуваат со средишна конзола со два одвоени украсни дела.

Во изборот и завршната изработка на материјалите, Mercedes продолжува уште еден чекор понапред и користи дрвени панели со отворени пори, примена на дрво во стилот на скапоцените јахти и нов вид на метална површина, што изгледа како да е испреплетена. Може да се забележи дека дизајнерите повеќе се ориентираат на кафените тонови во внатрешноста, веројатно како боја што е најблиска асоцијација со природата и применлива е во автомобил.
Колку E-Class отстапува со иновативноста и свежината во доживувањето на кабината најдобро прикажува амбиенталното осветлување со диодни светилки со работен спектар од 64 различни бои. Диодите се трајни, не трошат енергија и очигледно создаваат одличен атмосфера. Овие диоди се распоредени покрај украсните панели, средишниот дисплеј, предниот потпирач за рака, рачките и џебовите во вратите, во просторот за нозе напред и назад, на таванот и во подножјето на ретровизорот.
Пречекот како од прва класа секако дека завршува со седнувањето во новата генерација седишта во E-Class. Секоја линија на опрема располага со различна изведба: Платнената изведба во основниот модел оддава поубедлив впечаток за луксуз, линијата Avantgarde располага со спортски и поцврсто контурирани седишта, AMG додава уште повеќе спортска цврстина и поддршка, додека Exclusive има посебно штепувани површини што јасно укажуваат дека тука се седи во најпрвата од првите класи. Дополнително се нудат и седишта во изведба на специјалистите за стил од сопственото одделение Designo.
Релаксирачка топла масажа во E-Class? Нема проблем
Апсолутно збунува понудата од опции само за седиштата: Од „потонување“ на средишниот седечки дел за 60 милиметри, преку климатизација и мултиконтурни седишта со „самонадувувачки“ воздушни комори кои вршат енергизирачка масажа или спречуваат лизгање на телото во свијоци, до специјални програми што го наведуваат возачот буквално да вежба во седиштето, спротивставувајќи се на надувувањето на коморите, заради зајакнување на соодветнат група мускули. Hot Relaxing Massage Shoulder е програма што личи на масажа со жешки камења, Activating Massage и Mobilizing Massage се грижат за релаксација на заморените подрачја во грбот. Има и Wave Massage…
Новитет е греењето на потпирачот за рака во возачката врата и во средишната конзола, секако со доплата. Задната клупа исто така по желба може да се добие со триделен потпирач, поделен во сооднос 40:20:40, заради поголема флексибилност. Држач за таблет на задната клупа е разумна опција во денешно време, заедно со приклучок за напојување со струја.
















