за

McLaren 675LT Spider е автомобил од соништата: Веќе распродаден

Кога некој автомобил е изработен во само петстотини примероци, тоа мора да е автомобил од соништата. Уште повеќе ако сите примероци се веќе распродадени.

Спортските автомобили постојат за да понудат перформанси. Суперспортските, суперперформанси. За претстава каков автомобил е овој McLaren 675LT Spider со неговиот 3,8-литарски мотор со двојно турбонатполнење и 675 КС, најдобро ќе послужи забрзувањето. До сто километри на час не трае ниту три секунди. Само 2,9 секунди му се потребни на McLaren да им се спротивстави на сите „спротивставувачки“ природни сили и да постави свои закони на физиката, во средина кога издувните гасови се борат да излезат што побргу од титанските издувни цевки и да го произведат препознатливиот звук на британската марка што е израсната на тркачките патеки.

McLaren 675KT Spider еолесен за 100 килограми од стандардниот 650S, со оптимирана аеродинамика и возна динамика
McLaren 675KT Spider еолесен за 100 килограми од стандардниот 650S, со оптимирана аеродинамика и возна динамика

Ако возачот продолжи да притиска врз педалот уште само 5,2 секунди, брзиномерот веќе ќе покаже 200 километри на час. Нема да потрае уште долго ако возачот продолжи кон следната стотка. Тристотини километри на час следуваат по 23,6 секунди од стартот од место, а остануваат уште 26 km/h до крајната брзина.

Мајсторијата на McLaren 675LT Spider е во тоа што и покрај сиот тркачки набој во себе, тој и натаму е способен да крстосува релаксирано со 1.500 вртежи на осумцилиндарецот, при брзина од 100 километри на час и менувач префрлен автоматски во седмиот степен. Кој ќе се почувствува импресиониран од овие перформанси и не му претставува проблем да префрли 340.000 евра од својата на банкарската сметка на фирмата од Вокинг, задоцнил со намерата. Серијата од петстотини примероци во којашто ќе се изработи „спајдерот“, исто колку што претходно беа понудени од купе-изведбата на 675 LT, се распродаде за само две седмици.

Клима-уредот е опција без доплата, поважна е заштедата во тежината

Не е потребно многу фантазија да се претпостави дека најголемиот број од нарачаните примероци чини далеку повеќе од основните 340.000 евра, а особено ако се има предвид дека најевтината ставка во списокот на дополнителна опрема е противпожарен апарат по цена од 170 евра. Клима-уредот исто така се наоѓа на овој список, но се вградува бесплатно и само по специјална желба на купувачот, затоа што повеќето ентузијасти на спортската марка од Вокинг полесно би прифатиле да се потат во жешката кабина, отколку на 675 LT Spider да му ги натоварат дополнителните 16 килограми од клима уредот.

Втор модел што ја носи специјалната ознака LT, по легендарниот F1 LongTail од пред 20 години. Триделниот покрив може да се отвори до брзина од 40 km/h
Втор модел што ја носи специјалната ознака LT, по легендарниот F1 LongTail од пред 20 години. Триделниот покрив може да се отвори до брзина од 40 km/h

За разладување, McLaren поседува и природни таленти, сепак станува збор за Spider. Триделниот цврст покрив се вовлекува со притискање на копче, при брзина до 40 километри на час. Разладување може да се изведе и со спуштање на малечкиот заден прозорец, што секако придонесува и звукот на моторот директно да се пренесе до „уживателите“ во 675 LT Spider.

Тоа што McLaren во моментов го постигнува со надградувањето на имиџот и растот во продажбата, со моделска понуда којашто во меѓувреме достигна три серии, од 570S како конкурент на 911 Turbo, до суперспортскиот McLaren P1 кој ја чека следната генерација, сигурно треба да ги загрижи традиционалните одгледувачници на расни коњи во Маранело и предизвикувачите на бикови во Сант Агата. McLaren е спортската марка што во моментов ја предводи трката, во очите на ентузијастите на чистокрвните суперспортски автомобили и на оние што можат да си дозволат автомобил од Вокинг.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Макпетрол воведува автоматско препознавање возила „Ултраматик“

Mercedes E-Class: Разоткривање на новата ѕвезда (Внатрешност)