Наследникот на Koleos ќе биде поголем, а со дизајнот во стилот на Talisman и Megane ќе биде и посимпатичен на око. Големиот теренец веројатно ќе се појави под името Maxton, платформата потекнува од Nissan X-Trail.
Renault е во моделска офанзива како никогаш досега. Моделите што претставуваат основа на продажбата, како Espace, Talisman, Megane и Scenic не само што се обновија во рекордно време, туку донесоа и голема свежина, дизајнерска препознатливост и целосно ја оддуваа наталожената прашина врз имиџот на француската марка. Секако дека и Renault не ги запоставува спортските теренци. Captur и Kadjar се продаваат одлично, па не е за чудење тоа што и иконите меѓу вановите, Espace и Scenic, во актуелната генерација тргнаа во правец на кросоверите.
Renault веќе е во напредна фаза со тестирањето на следниот модел во понудата на спортски теренци. На фотографиите на коишто идниот теренец се појавува заедно со Renault Kadjar, може да се забележи дека има значително поголеми димензии на каросеријата. Седумседот ќе го замени Koleos и веројатно ќе го носи моделското име Maxthon. Платформата на големиот спортски теренец потекнува од партнерот Nissan, односно од X-Trail. Во поглед на дизајнот, погонската техника, електрониката и системите за асистенција, наследникот на Koleos ќе се раководи според актуелните модели Talisman и Megane.
Во понудата може да се очекуваат изведби со погон напред или на сите тркала, палета на мотори во дијапазон од 110 до 200 КС, нов систем за конекција R-Link 2 со голем дисплеј, но и голем дел д иновативната погонска техника од Espace. Продажбата на новиот модел е планирано да стартува веќе во текот на годинава, веројатно наесен.

















