Porsche го спушти долниот ценовен праг на популарниот теренец Macan со воведувањето на нов основен модел со четирицилиндарски бензинец. „Основно“ тука значи 252 КС и цена од 55.000 евра.
По воведувањето на четирицилиндарските боксер мотори во новиот Boxster, спортската марка продолжува со „скусување“ на бројот на цилиндри и сега нуди нова и подостапна моделска верзија од теренецот Macan, со дволитарски бензинец. Новиот мотор во понудата работи со турбонатполнење и директно впрскување, располага со 252 КС и стандардно за гамата, за преносот на силата е задолжен менувач со двојна спојка. Перформансите и натаму остануваат убедливи: Спринт до сто за 6,7 секунди, односно 0,2 секунда помалку со пакетот Sport Chrono, а крајната брзина е 229 km/h. потрошувачката според фабрика изнесува меѓу 7,2 и 7,4 литри, зависно од димензијата на гумите.
Наспроти боксерот во Boxster, четирицилиндарецот во Porsche Macan има линиска конфигурација. Притисокот на натполнење достигнува два бара, бензинот се впрскува директно, со работата на брегастите вратила диригира VarioCam, вклучувајќи и промена на одот на издувните вентили. Вртежниот момент од 370 њутнметри во подрачјето меѓу 1.600 и 4.500 вртежи исто така е според очекуваните „стандарди“ на Porsche.
Како опција и во четирицилиндарскиот Macan може да се добие пневматска амортизација, вклучувајќи активно подвозје PASM. Со тежината од 1.770 килограми, овој Macan е најлесен спортски теренец во понудата на Porsche, што секако ќе влијае и врз возните својства.
Основниот модел се разликува од посилните браќа само во детали. Лајсните на страничните прозорци се во мат црна боја, сопирачките клешти зад бандажите од 18 инчи се црни, а назад има две единечни издувни цевки од челик. Опремата е на ниво на моделот S, со електрика за седиштата, алкантара во средината на седиштата, систем за конекција, систем за следење лента и автоматско затворање на задниот капак.
Според германскиот ценовник, основниот модел на Macan чини 55.669 евра, испораката стартува во јуни.
















