На салонот во Женева ќе се појави серискиот модел произлезен од студијата C-HR. Кросоверот влегува во битка со Nissan Juke и има силно орудие против неговата доминација – хибриден погон.
Евроспкото седиште на Toyota денес го потврди стартот на сериското производство на моделот произлезен од впечатливата студија C-HR којашто беше прикажана лани. Моделот ќе се појави во конечната форма за производство на салонот во Женева во март. C-HR ќе се произведува во Турција, покрај лимузинскиот модел Corolla, како прв автомобил со хибриден погон што ќе излегува од оваа фабрика. Со тоа, Турција ќе биде трета земја во којашто Toyota ја произведува својата највредна технологија во моментов, покрај Британија, од каде што доаѓа Auris Hybrid и Франција, со Yaris Hybrid. Погонот за кросоверот ќе пристига од фабриката за мотори на Toyota во британскиот Дисајд. Возилата ќе се испорачуваат на поширокиот европски пазар и во соседните региони, а се размислува и за понуда на моделот на одделни пазари.

Во турската фабрика TMMT моментно се произведуваат Corolla и Verso. Капацитетот на производство ќе се зголеми од 150 на 280 илјади возила годишно, со тоа што продукцијата на кросоверот C-HR ќе се приспособува според побарувачката на пазарот. Паралелно со проширувањето на моделското портфолио ќе се зголеми и работната сила, од три на 4 илјади вработени, во претстоојниот период до стартот на производството, којшто е најавен за крајот на годинава. Во проектот се инвестираат вкупно 350 милиони евра, со што инвестицискиот волумен во турската фабрика ќе достигне вкупно 1,7 милијарда евра.

C-HR е базиран врз новата платформа TNGA на Toyota, заедно со четвртата генерација на хибридот Prius, која што е развиена со цел да се зголеми ефикасноста на погонот, но и динамиката во возењето. Кросоверот е четврт модел што Toyota ќе го произведува во Европа и за Европа, покрај
Avensis, Auris, Yaris, AYGO, Camry и Corolla. Со тоа ќе продолжи зголемувањето на уделот на локално произведени модели за европскиот пазар, од 71 проценти во минатата година, за поефикасно покривање на побарувачката.
















