Контролата во Renault утврди измама во емисијата на штетни гасови кај популарниот кросовер Captur. Како голем акционер во Renault, француската држава сепак ги охрабрува граѓаните и натаму да купуваат возила од марката.
Техничката комисија на француското министерство за животна средина изврши тестирање на емисијата на штетни материи кај 100 различни модели на автомобили, веднаш по избувнувањето на аферата со високата емисија на азотни оксиди кај возилата на Volkswagen во САД. Државата ги проверуваше вредностите на емисијата во лабораториски услови и во реално возење. Покрај тоа, се бараше и присуство на софтверски програми за лажирање на вредностите на штетни материи.
Меѓу стоте модели се најдоа и четири модели на Renault, а кај три од нив беше откриено отстапување на штетните материи од дозволените рамки. Станува збор за новиот Renault Espace, за популарниот кросовер Captur и за едно доставно возило. Според првичните информации, 15.800 примероци од Captur со 1,5-литарски дизел со 110 КС и издувна норма според Euro 6 ќе мора да ги посетат сервисните работилници заради отстранување на нерегуларностите.
Министерката Сеголен Ројал наведува дека се утврдени недозволени вредности и кај други марки. Француските медиуми веќе го споменуваат и Opel, како следен производител со лажирана емисија на штетни материи.
Од Renault и натаму тврдат дека нивните возила ги исполнуваат нормите при лабораториските местења, а неправилностите се утврдени „само“ при реални услови на возење. Францускиот производител претходно утврдил дека постои грешка во софтверот кај одредени модели, но истата била отстранета лани во септември. Според агенцијата „Ројтерс“, Renault планира во март да преземе мерки за намалување на емисијата на азотни оксиди кај актуелните модели со дизел мотор, што ќе биде извршено преку вчитување нов софтвер во возилата. Овој зафат е планирано да се изврши на 700.000 модели со дизел мотор, за што сопствениците на возилата ќе бидат навремено известени.
















