Производителите на автомобили ги прикажуваат своите замисли за ентериерот на иднината на саемот за електроника во Лас Вегас. Еден тренд се издвојува. Во идните автомобили ќе имаме огромни дисплеи.
Фабриката за производство на автомобилските соништа, швајцарската малосериска работилница Rinspeed, на саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас преку еден мал трик ја прикажува насоката во којашто моментно се движи автомобилската бранша. По притискање копче, воланот на студискиот автомобил Etos се преклопува и потоа исчезнува во арматурната табла. Во исто време, два големи дисплеи се приближуваат до возачот и совозачот.

Постапката трае кусо, но укажува јасно дека возењето ќе стане споредна работа во автомобилот на иднината, а вниманието повеќе ќе му се посвети на поврзувањето во мрежа. Студискиот автомобил на Rinspeed сигурно нема да се појави на улица во оваа форма, но основните компоненти од концептот на неговиот ентериер се среќаваат и на штандовите на речиси сите останати производители на саемот. Bosch, BMW, Audi, Mercedes – сите тие настапуваат со кокпит, којшто од една страна е визионерски, а од друга страна и не е толку далеку од сериското производство. Сите овие игри со кокпитот се засноваат на еден тренд: Автомобилите во блиска иднина ќе управуваат самостојно.
Големи дисплеи наскоро ќе ја освојат целата арматурна табла во кокпитот
Бидејќи возачот повеќе не мора да внимава целосно на возењето, тој може да им се посвети на работите што му се поважни во моментот. Актуелните сериски модели веќе располагаат со големи дисплеи на допир или со дитигализирана табла со инструменти. Овие дисплеи за многу кусо време ќе достигнат зачудувачки димензии.

Добавувачот Bosch најдобро го покажува тоа во својот концептен автомобил. Дисплејот тука досега од врата до врата. Но, другите производители исто така вградуваат огромни дисплеи, од кои на човек му доаѓа да се запраша: Дали ова е команден мост на вселенски брод или е кокпит на автомобил?
Овие дисплеи ќе послужат за сите подрачја на дигиталниот живот да се пренесат и во автомобилот. Сакате видеоконференција со бизнис партнерот додека се возите до канцеларијата? Нема проблем. Потребно е само возењето да се префрли на автопилотот. За време на разговорот сакате да прикажете графикони или да обработите некои податоци? Да гледате видео и во исто време да разговарате со пријателката? Нема проблем, за сето тоа има доволно место во огромниот дисплеј.

Клучна улога за остварување на тоа има поврзувањето во мрежа меѓу преносните уреди, автомобилот и домот, односно канцеларијата. Голема визија на производителите е од автомобилот да се ракува со уредите во домаќинството, но и обратно, од домот да се ракува со одредени функции на автомобилот. Повеќето од овие работи се бескорисни, но Bosch покажува дека може и поинаку. Замислете ја ситуацијава: Поштарот е пред куќниот праг заради достава на нарачаниот пакет, а вие во моментот патувате со автомобилот. Нема проблем, возилото е поврзано во мрежа со домот.
Нагледување на куќниот праг директно преку дисплеите во возилото
Камерата на куќниот праг испраќа дојава до дисплејот во возилото. Возачот со едно замавнување со прстот пред дисплејот му ја отвора вратата на поштарот и следи на дисплејот дали сé се одвива правилно. Потоа, со скен на отпечаток од прстот, возачот потврдува дека тој е нарачателот на пратката. На крај, возачот гледа дали доставувачот на пратката ја затвора вратата зад себе. Додека оваа фантастична визија стане реалност достапна на широкиот пазар, сепак ќе треба да минат уште десетина години.

Постојат и неколку придобивки од новите џиновски дисплеи, што можат да се користат денес. На големата површина на дисплејот може да се прикажуваат повеќе информации. Тоа значи дека повеќе не мора да се влегува во безбројни менија и подменија додека се најде бараната функција, затоа што сите важни информации веќе се прикажани на дисплејот. Место на дисплејот да се избира прикажување на функциите на телефонот, навигацијата или радиото, сите информации се појавуваат еднододруго. На тој начин, возачот може побрзо да ја вклучи функцијата, а во исто време и да внимава на патот пред себе.
Производителите се сетија дека успева и со обично обновување на софтверот
За производителите на автомобили е добро и тоа што на овој начин можат да останат во чекор со развојот на ИТ-браншата, место за заостануваат со години. Додека на пазарот се појави нов модел, со електроника што била напредна во времето кога почнал развојот на автомобилот, таа ќе биде веќе застарена во моментот кога ќе започне продажбата. Со големите дисплеи, производителите на автомобили ќе бидат во можност да го следат брзиот развој на ИТ-браншата во чекор, со обновување само на софтверот, место на целиот дизајн на кокпитот.
Но, и за тоа ќе бидат потребни уште неколку години. Можеби дотогаш луѓето ќе го посветат добиеното слободно време за некои други работи. Во преградата пред совозачот во студијата на Rinspeed се наоѓаат неколку книги. Обични книги, од хартија.
















