Додека политиката се обидува да најде виновник во мајката Volkswagen за лажната еко-практика на целата бранша, од „нашиот“ Audi пристигаат убави вести. Порше Македонија ја одбележа десетгодишнината со претставувањето на новиот Audi A4.
Колку повеќе на луѓето им се излегува во пресрет да ја задоволат неопходноста од мобилност и колку повеќе им се овозможува да ја одржуваат истата таа мобилност, толку е поголем и успехот за една компанија од автомобилската бранша. Секако дека има голема смисла во мотото „Движењето е нашиот успех“ под кое што Порше Македонија го одбележува десеттиот роденден. Луѓево се искусни во својата работа, тие сепак се на врвот на браншата во Македонија уште откако компанијата проработе пред десет години.

Денес во ексклузивната средина на Иновацискот центар на Телеком во Скопје, по повод десетгодишнината, Порше Македонија ја претстави новата генерација на Audi A4, моделот од кого што пазарот очекува да го постигне истото што и досега, да ја предводи продажбата во премиум сегментот во средната класа.
38.500 клиенти, 20.855 продадени возила, 163.800 влезови во сервис за 10 години
„Помина цела деценија од основањето на нашата компанија. Можеби на почетокот не знаевме во што се впуштаме и што да очекуваме. Но знаевме за кого дојдовме и што сакаме да постигнеме. Порше постави нови стандарди. 10 години, повеќе од 38.500 клиенти, 20.855 продадени возила, 163.800 влезови во сервис, импресивни бројки кои растат додека зборувам. 10 години Порше Македонија сигурно владее со врвот на автомобилскиот пазар во Македонија, непобеден во својата непоколебливост за своите клиенти секогаш да го носи најдоброто. Има ли подобар начин да се одбележи ваков јубилеј, од тоа да се донесе нов бестселер кој стои зад истите идеали како Порше – луксуз, моќ, квалитет, дизајн и технологија?”– изјави д-р Златко Муцунски, генералниот директор на Порше Македонија.
Продажбата на Audi A4 штотуку стартува, а моделот веќе освои ценето признание. Пред само две недели ѝ се позлати воланот на новата четворка на Audi, со наградата „Златен волан“. Новата генерација е за 2,5 сантиметри подолга и има 1,2 сантиметар повеќе растојание меѓу оските, а патниците на задната клупа ќе ги ценат и дополнителните 23 милиметри простор за колената. Како и секој нов модел од концернот, новиот A4 е полесен од претходникот, конкретно за 120 килограми.

Новиот А4 ќе биде достапен со понуда од 3 бензински и 4 дизел агрегати. Моќноста на моторите е зголемена за 25 проценти и покрива дијапазон од 122 до 354 КС. И покрај зголемената моќност, потрошувачката е намалена за 21 процент. Бензинската понуда почнува со A4 1.4 TFSI со 150 КС и цена од 31.344 евра, по него следува A4 во верзијата со иновативниот 2.0 TFSI со 190 КС и цена од 37.683 евра, додека верзијата на истиот мотор со 252 КС уште не е наведена во официјалниот ценовник на Порше, исто како и за верзијата S4, со трилитарски TFSI со 354 КС.
Дизелите стартуваат со 2.0 TDI со 122 КС и цена од 33.179 евра, потоа е верзијата со 190 КС и цена од 38.239 евра, а врвот е за трилитарскиот V6 TDI со 272 КС и цена од 54.497 евра. Погонот на сите тркала и менувачот S-Tronic се стандард кај најсилниот дизел и оваа комбинација засега е достапна само уште кај 2.0 TDI со 190 КС. Сите мотори, освен 2.0 TDI со 122 КС, можат да се комбинираат и со S-Tronic.
За новиот Audi A4 се нудат и три стилски нивоа – Basic, Sport и Design. Во основното ниво следуваат автоматски клима уред, ксенонски светла, алу-бандажи, трикрак кожен волан со команди, темпомат, радио до дисплеј од 5 инчи, блутут и потпирач за рака.
















