Две марки, иста групација, идентична техника. Прашањето е дали двете корејски марки Kia и Hyundai се рамноправни на европскиот пазар или купувачите повеќе веруваат во едната од нив. Следат фактите.
Која марка е подобар избор, Kia или Hyundai? Две марки со идентична техника, две марки со паралелен стремеж за освојување на светскиот пазар, две марки со иста целна група. Прашањето не би требало воопшто да постои, затоа што компанијата Hyundai е таа што денес поседува една третина од акциите во Kia Motors и во 1998 година ја презеде најстарата корејска марка автомобили од Ford, откако Kia објави банкрот во претходната година. Секако дека и во поглед на апсолутните бројки во продажбата, Hyundai е тој што доминира во групацијата, со 3,1 милиони продадени возила во светот во првите девет месеци од 2015 година, наспроти 1,91 милион возила на Kia во истиот период.

Според тоа, сосема е јасно дека Hyundai е подобрата марка, продава повеќе. Нема да биде на одмет и мала консултација со оцените според Interbrand, најголемата консултантска адреса кога станува збор за големината и значењето на светските марки. Според рангирањето на Interbrand за 2015 година, обете корејски марки се меѓу стоте најголеми во светот, но разликите меѓу нив се енормни. Hyundai е на 39-то место, со проценета вредност на марката од 11,293 милијарди долари и раст од 8 проценти во споредба со вредноста во 2014-та, додека Kia е на 74-то место, со 5,66 милијарди долари и раст од 5 проценти. Тоа кажува доволно. Во глобални рамки.
Факт што компанијата го премолчува: Во европски рамки, доминацијата од Hyundai преоѓа на Kia
Но, доколку конкурентскиот однос меѓу Kia и Hyundai се разгледува само на ниво на европскиот пазар, ситуацијата се менува драстично. Во првите девет месеци од годинава, Hyundai има продадено 515.221 автомобили на европскиот пазар, вклучувајќи ги Русија и Турција, додека резултатот на Kia е 435.707 продадени автомобили. Тоа значи дека Kia покрила 3,2 проценти од европскиот пазар, додека уделот на Hyundai изнесува 3,9 проценти. Разликата произлегува првенствено од рускиот пазар, каде што Hyundai е присутен со моделот Solaris, наследник на некогаш и кај нас популарниот Accent. До септември, од моделот се имаат продадено 85.540 примероци на европскиот пазар. Тоа повторно ја потврдува доминацијата на Hyundai.

Дали навистина е така? Kia сепак е марката на која што европските купувачи ѝ даваат приоритет пред Hyundai. Тоа е информацијата којашто групацијата нема да ја комуницира ниту на крај памет. Но, тоа е реалноста. Моделите Rio, Sportage и Ceed, редовно ги оставаат зад себе „конкурентските“ модели на Hyundai. Што е тоа што Kia не смее да го објави, а Hyundai мора да го премолчи? Според продажните статистики, Kia Rio во првите три квартали од годинава достигна продажба од 125.503 возила, при стапка на раст од 8,6 проценти наспроти истиот период лани, или 36.137 возила повеќе отколку што Hyundai продаде од својот i20. Новата генерација на овој модел добива шанса да го коригира пропустот и веќе достигнува раст од 20 проценти во деветмесечната продажба.
Еден модел, сепак не ја прави разликата. Ситуацијата се повторува и во уште позначајните пазарни сегменти, во компакт класата и кај компактните кросовери. Kia Ceed за деветте месеци се продала во 74.720 примероци или во над 7.000 примероци повеќе од Hyundai i30. Обата модела веќе бележат минус во продажбата и тоа е знак дека наследниците мора да се појават во скоро време. Затоа пак, Kia Sportage повторно е во уште поубедлива предност во однос на Hyundai i35, по ново Tucson, со 103.449 продадени примероци и раст од 6,7 проценти, наспроти 76.227 примероци и пад од 10,6 проценти во продажбата.
Hyundai продава во Европа повеќе од Kia само со моделот i10 од турска продукција
Двата клучни модела во сегментот што бележи или треба да бележи најголем раст, веќе стартуваат во новата генерација, повторно со исти шанси. „Сопственикот“ Hyundai е во предност единствено во сегментот на малечките автомобили, со i10 од турска продукција и 70.363 продадени примероци, наспроти 45.484 примероци на Kia Picanto, кој во овој конкурентски сооднос го ужива статусот на премиум-мини и доаѓа од матичната фабрика на Kia во Јужна Кореја.
Што е тоа што влијае Kia да се доживува како поевропска марка од Hyundai, може да се образложува надолго и нашироко, почнувајќи од потписот на дизајнерската ѕвезда Петер Шрејер на моделите на Kia од 2006-та година наваму, до историската заднина и останатата свест на европските купувачи околу долготрајното експериментирање на Hyundai во замената на азискиот имиџ на марката. Настрана од сето тоа, обете марки напредуваат паралелно со неуморно темпо и работите драстично се менуваат. Што ќе се смени со пристигањето на новите Kia Sportage и Hyundai Tucson, на втората генерација на „корејскиот масерати“ Kia Optima или со поголемите теренци Sorento и Santa Fe, преостанува да се следи будно во следните месеци. Кој е вашиот фаворит?













































