Во Google го искористија присуството на духови, суперхерои и роботи во нивната централа, па го искористија моментот нивниот самовозечки автомобил да го научат да реагира почувствително кога наидува на деца на патот.
Google потврдува дека денот на вештерките секогаш е добра пригода да се научат нови работи. Голем број духови, суперхерои, па дури и роботи, заедно со нивните семејства, деновиве се појавија околу централата на Google, па софтверскиот гигант ја искористи можноста да ги покани на дружење со нивните самовозечки автомобили. Намерата беше сензорите и софтверите во Google Car да стекнат ови искуства во распознавањето на децата во сите можни големини и форми, па дури и кога тие се костумирани за денот на вештерките.
Во компанијата се грижат нивните автомобили да се однесуваат грижливо со децата. Кога сензорите во атомобилот ќе детектираат деца, без разлика дали тие се костумирани, софтверот предвидува дека децата може да се однесуваат непредвидливо и соодветно на тоа реагира почувствително. Сето тоа е дел од тренингот на Google Car, да научи да се снаоѓа во сите можни ситуации и сценарија, кога автомобилите без возач ќе станат реалност во сообраќајот. Што ли си „мисли“ софтверот за овие маскирани креатури, тоа треба допрва да се дознае.
















