До крајот на септември, некаде во светот ќе биде регистриран милионитиот електричен автомобил. Меѓународна алијанса наскоро ќе се состане во Њујорк, да го забрзаат следниот милион автомобили на струја.
Светот живее за пресвртниците што се манифестираат преку големи и заокружени бројки. Првиот автомобил во светот се појави во 1879 година. Потребни беа помалку од три децении за светот да го добие милионитиот автомобил, некаде во периодот меѓу 1912 и 1913 година. По приближно еден век, додека низ светот сообраќаат преку една милијарда возила и автомобилот е суштински елемент на личната мобилност, на цивилизацијата ѝ претстои следната значајна пресвртница во историјата на автомобилот. Станува збор за преоѓање од ерата на погонот со мотори со внатрешно согорување во ерата на електричниот погон. До крајот на септември, некаде во светот ќе биде регистрирано милионитото возило со погон на струја.
Значењето на оваа пресвртница е дотолку поголемо што таа е постигната за период од околу 6 години, односно неколку години помалку од периодот што беше потребен за автомобилите со хибриден погон да го достигнат првиот милион примероци. Во оваа релативно куса временска рамка, автомобилската бранша произведе, дистрибуираше и продаде еден милион електрични возила, односно истите ги направи достапни за милион возачи, домаќинства, професионални возачи. За транзицијата кон новата технологија придонесоа и развојот на мрежа од полначи, иновативните државни и локални регулативи, како и привилегиите за корисниците на електричните возила. За ориентација, еден милион возила е бројка што соодветствува на продажбата на автомобили во Шпанија, Мексико или Индонезија во период од една година.
Европа учествува со приближно една третина во светскиот возен парк од е-автомобили
Дијаграмот подолу јасно го прикажува прогресивниот раст во кумулативната продажба на електричните возила на глобално ниво, во периодот од 2009 до 2015 година. Најголем дел од продажбата отпаѓа на Северна Америка, Европа и Азија. САД учествуваат во глобалната продажба со околу 36%, следи Европа со 31%, пред Кина со 17% и Јапонија со 11%. Преку 80 проценти од првиот милион автомобили со погон на струја доаѓа од Renault-Nissan, Mitsubishi, Chevrolet, Tesla, Toyota, Ford, BMW и Volkswagen.

Во текот на септември ќе започне со работа новиот владин конзорциум, Меѓународна алијанса за возила со нулта емисија, којшто има за цел да ја забрза транзицијата кон електричните возила. Во состав на конзорциумот влегуваат Калифорнија, Квебек, Холандија, Конектикат, Мериленд, Масачусетс, Норвешка, Орегон, Роуд Ајленд, Обединетото Кралство и Вермонт. Владите на овие држави ќе се залагаат за намалување на штетните емисии, намалување на потрошувачката на нафта и подршка на развој на чиста глобална економија. Автомобилскиот пазар когошто го претставуваат овие 11 влади покрива 40 проценти од глобалната продажба на електрични возила.
















