Четврата генерација на компактниот теренец на Kia пристига како премиера на салонот во Франкфурт во септември. Sportage е најпродаваниот модел на Kia европскиот пазар, па е соодветно и значењето што му се придава на новиот модел.
Kia ќе одржи светска премиера на новиот Kia Sportage на салонот во Франкфурт, којшто се одржува од 19-ти до 27-ми септември. Четвртата генерација на компактниот спортски теренец, којшто е најпродаван модел на Kia во Европа, се одликува со впечатлив и модерен надворешен дизајн, кој оддава динамика и агилност од секоја перспектива. Инспирирани од контрастот на мазните површини и острите рабови на модерните борбени авиони, дизајнерите на Kia создадоа хармоничен изглед, којшто се базира на комбинацијата од впечатливи и јасно дефинирани карактеристични линии со мазни површини.
Предните светла се издвоени од маската заради создавање подинамичен впечаток
Највпечатливата промена кај новиот Kia Sportage е во „носот“. За разлика од актуелниот модел, каде што маската и светлата се надоврзуваа едно на друго, светлата кај новиот модел се поставени повисоко и повлечени се странично кон подрачјето кадешто моќните контури на хаубата преоѓаат во нагласените крила. Пошироката и пониска маска во форма на „тигарски нос“ – како заштитен знак на Kia – му дава поголема тежина на долното подрачје на возилото, а со тоа се создава и впечатокот како возилото да е сраснато со патот.

Страничната силуета ја задржува динамиката на актуелниот модел, но поседува поенергични форми, за што најмногу придонесуваат повеќе наведнатиот преден столб и покривот што постепено се спушта наназад, исто како и подолгиот преден превис на каросеријата и кусиот опаш, во комбинација со подолго меѓуоскино растојание.
Опашот е инспириран од дизајнот на студијата provo од 2013 година
Задниот дел прикажува хоризонална ориентација на линиите и на површината, заради нагласување на ширината на возилото и создавање на „стабилен“ впечаток на патот. Тесните задни светла се повикуваат на студијата provo од 2013 година, споени со децентна, но и покрај тоа впечатлива украсна лајсна. Трепкачите и светлата за рикверц се интегрирани како посебна единица во долниот дел од браникот, исто така заради нагласување на ширината на каросеријата.
Дизајнот потекнува од европскиот центар на Kia во Франкфурт, во соработка со дизајнерските центри во корејскиот Намјанг и во американскиот Ирвајн.

















