Alfa Romeo Giulia: Со гени на Maserati против BMW и Jaguar

По точно 105 години од основањето на марката, на истото место и на истиот датум, миланската марка ја претставува новата Giulia. Ова е почеток на новата ера за Alfa Romeo.

Секогаш кога марката Alfa Romeo ќе посака да се повика на своето славно минато, има едно место што е особено погодено за тоа. Во предградието Арезе, на неколку километри од центарот на Милано, веќе со децении се произведуваат модели на Alfa Romeo. Таму се наоѓа и новиот музеј на италијанската марка. На музејот во минатите години му се случуваа истите работи како на марката. Тој беше затворен привремено и ставен под заштита како историски споменик. Тука воедно почнува и новата историја на Alfa Romeo. Музејот се реновираше и ќе работи повторно од 30-ти јуни, а Alfa Romeo тука го претстави новиот автомобил со старо име, кого што сите го чекавме долго. Станува збор за новата Giulia. Ако се верува на зборовите на Серџо Маркијоне, шеф на концернот Fiat Chrysler, до 2018 година ќе бидат претставени уште седум нови модели на Alfa Romeo. Тогаш се планира годишната продажба да достигне 400.000 примероци. Во последната година беа само 70.000 примероци.

Конкуренцијата мора да се заплаши уште од старт

Првиот удар мора да биде најсилен. Тоа одлично го знаат Маркијоне и неговиот германски шеф за марката Alfa, Харалд Вестер. На моторизираниот свет мора да му се врати сјајот во очите кога погледнат Alfa. Според Вестер, „модерните автомобили се непрепознатливи, со многу техника, но нула емоции. Alfa Romeo не смее да биде таков автомобил“. По презентацијата на новата Giulia во новоотворениот музеј на марката, совршено е јасно дека мисијата на Вестер и Маркијоне е завршена успешно. Или е само почната.

Alfa Romeo Giulia од 1962 година: Тоа е автомобилот околу кого што се крева сета прашина - во неговата „најбезопасна“ форма
Alfa Romeo Giulia од 1962 година: Тоа е автомобилот околу кого што се крева сета прашина – во неговата „најбезопасна“ форма

Лимузината и комбито кое што ќе следува наскоро, развиени се под интерната ознака Tipo 952 и се базираат на нова платформа што влече гени од спортската лимузина Ghibli на сестринската марка Maserati. Алфистите конечно можат да бидат спокојни, затоа што користењето на оваа платформа овозможува враќање на Alfa кон спортскиот принцип на задниот погон. Под хаубата ќе работат исто така нови мотори со четири и шест цилиндри, со зафатнина од 1,4 и 1,8 литар, односно 2,5 и 3,0 литри. Врвниот модел во понудата, Alfa Romeo Giulia Quadrifoglio Verde ќе располага со 510 КС и ќе забрзува до сто за 3,9 секунди. Кај дизелите ќе има мотори со четири и со шест цилиндри, со 300 КС во најсилната изведба. Се шпекулира дека Италијанците ќе претстават и верзија со мотор од Ferrari. Распределбата на тежината во совршен сооднос, 50 проценти напред и 50 проценти назад.

Giulia го враќа класичниот изглед на Alfa Romeo

Изгледот на Giulia се раководи според цртите на актуелните модели на марката. Напред е типичната маска со „скудето“, коешто долу завршува во шпиц, а горе е крунисано со логото на Alfa, два големи отвори за воздух, светла што се развлечени до крилата, долга хауба со моќни контури и два отвора за воздух со црни решетки, куси каросериски превиси во комбинација со долго меѓуоскино растојание, покрив со линија како на купе, шкрги зад предните тркала, кус багажник и тенки светла што продолжуваат речиси до самата средина на возилото. Напред има уште аеро-сплитер, за дополнителен притисок. Спротивно од почекувањата, рачките на задните врати не се сокриени како кај претходните модели на Alfa, туку се изведени класично.

Италијанците отсекогаш се повикуваа на славната Giulia, пд дури и со Alfa 159, којашто во основата не беше друго освен Opel Vectra
Италијанците отсекогаш се повикуваа на славната Giulia, пд дури и со Alfa 159, којашто во основата не беше друго освен Opel Vectra

За ракувањето во кокпитот се доволни само два кружни прекинувачи. Едниот служи за избор на модусот на возење, со повеќе програми на располагање почнувајќи од тркачка до економична програма, додека вториот прекинувач е наменет за ракување со мултимедискиот систем и со патниот компјутер. Со сите други важни функции се ракува преку прекинувачите на воланот со смален пречник.

Alfa Romeo не го избра случајно овој модел за новиот старт. Покрај црвените тркачки болиди од предвоениот период, Giulia е едно од имињата врз кое што се темели легендата на марката од Милано. Последната Giulia излезе од производствените ленти во 1978 година, по 17 години од премиерата на моделот. Ниту еден наследник не успеа да го повтори успехот на оригиналната Giulia од 1962 година, заедно со безбројните каросериски изведби на моделот, и покрај тоа што обожувателските кругови на конкуренциските модели ја напаѓаа дека „кородира уште пред да се потроши горивото во резервоарот“.

Од угледна марка до финансиска руина со два и пол модела

Во последните години, марката Alfa Romeo се претвори во финансиска руина. Место разновидна понуда од модели, којашто барем минимално би го одржувала имиџот на марката на маргините на животот, Alfa се сведе на два и пол модела: Giulietta, MiTo и 4C, со тоа што последниов се продава во речиси хомеопатски дози.

Новата Giulia е последна шанса за спасување на миланската марка. Маркијоне тврди дека е спроведен „процес на прочистување“. Ако Giulia II вози исто како што изгледа, иднината на Alfa може да изгледа понадежно. И мора да биде така. Giulia повторно предизвикува да затрепери срцето на спортските возачи и претставува закана за германското премиум-трио, односно серијата 3 на BMW, класата C на Mercedes и Audi A4.

Веродостојна е симболиката додека Андреа Бочели пееше „Винчеро“ од операта „Турандот“, во моментот кога Giulia се појави на бината во музејот во Арезе. Првата официјална проба на реакцијата на публиката ќе биде на салонот во Франкфурт во септември. Втората официјална проба ќе биде моментот на објавувањето на цените. Се очекува италијанската спортска лимузина од средната класа да стартува за помалку од 30.000 евра. Тогаш Giulia навистина ќе биде „најубавиот“ автомобил во сите класи.

Претходна објаваДизајнерската ѕвезда на Volkswagen отсега ќе црта за Hyundai
Следна објаваNissan инвестира во поголема фабрика за Juke и Qashqai во Британија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here