
По спектакуларната студија од салонот во Женева којашто ја внесе вистинската свежина во изгледот на благородната марка, следи разочарувачката вест: Донкерволке реши да замине од концернот.
Bentley Motors од денес има нов главен дизајнер. Штефан Зилаф доаѓа на местото на Лук Донкерволке, кој работеше на изгледот на британската благородна марка од 2012 година. Новиот дизајнер досега имаше решавачки збор околу изгледот на ентериерот на возилата на ниво на целиот концерн Volkswagen и воедно беше директор на центарот на Volkswagen во Потсдам. Зилаф ќе рапортира пред Ролф Фрех, член на инженерскиот одбор на Bentley, во исто време задржувајќи ја позицијата на главен дизајнер за ентериери на концернот, одговорен пред Валтер де Силва.
Германецот работи 25 години за групацијата Volkswagen, со најголеми достигнувања во Audi, кадешто пет години раководеше со тим од 350 дизајнерски експерти за екстериер и ентериер на сериски, концептни и студиски автомобили. Зилаф има дипломирано на реномираниот Кралски колеџ за уметност во Лондон.
Првиот човек на Bentley Motors, Волфганг Дирхајмер, ја коментираше смената на првиот дизајнер: „Bentley влегува во една од најважните фази во историјата на компанијата, со значајни планови за нови модели. Со неговото искуство, креативна визија и страст за марката Bentley, Штефан Зилаф е совршено компетентен да раководи со дизајнот на нашите идни модели.“
Лук Донкерволке го напушти концернот Volkswagen по три години работа за британската марка, а претходно и за шпанскиот Seat. Неговиот Bentley EXP 10 Speed 6 беше избран за најдобро дизајниран концептен автомобил на неодамна одржаниот престижен собир „Конкорсо д’Елеганца Вила д’Есте“ и предизвика вистинско одушевување при премиерата на салонот во Женева.















