Лани имаше тесна завршница во битката за круната во автомобилската бранша. Според резултатите од продажбата во првите три месеци, неизвесноста меѓу Toyota и Volkswagen ќе продолжи и во оваа година.
Volkswagen е веднаш зад петиците на Toyota во рангирањето на најголемите производители на автомобили во светот. Иако глобалната продажба во првиот квартал од годинава го потсопира темпото, концернот од Волфсбург успеа да ја подобри продажбата за два проценти во споредба со првите три месеци лани, додека продажбата на нови автомобили на Toyota забележа пад од два проценти.
Toyota сепак е во мала предност во оваа тесна битка. Со 2,52 милиони продадени автомобили во првиот квартал, Toyota го престигна Volkswagen кој во истиот период забележа продажба на 2,45 милиони автомобили. Јапонците се во мала предност пред германскиот гигант и во поглед на прометот, со 53 милијарди евра, наспроти 52,7 милијарди евра. Предноста е уште поголема ако се земе оперативната добивка: Toyota заработи 4,7 милијарди евра, Volkswagen 3,3 милијарди.
Најголем раст во профитот во првиот квартал на глобално ниво има Daimler, со 2,9 милијарди евра или 63 проценти повеќе отколку во првите три месеци од минатата година. BMW сепак останува меѓу најпрофитабилните концерни во светот со маржа од 12,1 проценти. Сите европски производители, а особено германските, профитираат најмногу од слабото евро. Пазарните аналитичари проценуваат дека „поддршката“ од слабата валута ќе продолжи и во следните месеци.
















