Кога се појави во 1965 година, Renault 16 беше вистинска сензација како прв модел од вишата класа со комбилимузинска каросерија и приспособлива кабина. Дури и Стирлинг Мос беше одушевен од автомобилот.
Пред точно половина век Французите го претставија Renault 16. Првиот модел во вишата класа со комбилимузинска каросерија, со лесен пристап до багажникот и приспособлив концепт на внатрешноста беше пречекан како автомобилска сензација во 1965 година. Седиштата можеа да се постават во седум различни конфигурации, како вистинска реткост во тоа време. Renault 16 со тоа ги постави основите на концептот на приспособливост со когошто се одликуваат многу подоцнежни генерации на марката. Тој беше Renault 4 во вишата класа.
Единствена каросериска форма во вишата класа во 1965 година беше лимузинската
Легендата на релито, Стирлинг Мос, оцени дека Renault 16 е „најинтелигентно конструиран автомобил“. Премиерата на Renault 16 во март 1965 претставуваше вистинска револуција, затоа што моделот ги прекрши сите вообичаени стандарди во класата. Во 1965 година не можеше да се замисли автомобил од средната класа со каросериска форма различна од лимузинската. Renault на тој начин излезе во пресрет на зголемената мобилност и добросостојба на европските купувачи. Тоа е период кога почнуваат да работат првите супермаркети во градската периферија, исто како и да се градат викендички. Секако, средината на 1960-те години е воедно и период на „беби-бумерите“, коишто бараат автомобил што ќе ги задоволи потребите на младите семејства.

Шефот Пјер Драјфус, по одличниот успех на R 4, во летото 1961 побара неговите инженери да осмислат комплетно нов вид на семеен автомобил, со каросерија со елеганција на лимузина, но просторна и приспособлива како комби. Заради поголема просторност на задниот дел, Драјфус побара возилото да има преден погон. Останатото беше по избор на инженерите.
Меѓу најкреативните членови на новооснованото „Биро за стил“ се истакнуваше 31-годишниот Гастон Јуше. Пред крајот на летото 1961 година, тој дизајнираше автомобил со комбилимузинска каросерија и три странични прозорци. Возилото беше подготвено за производство за рекордни четири години. Паралелно со развојот на Renault 16 се одвиваше и изградбата на новата фабрика во Ле Авре, за производството да стартува во јануари 1965.
Долго меѓуоскино растојание за огромна кабина
Новиот модел со должина од 4,32 метри не се одликуваше само со голем заден капак, туку и со големо меѓуоскино растојание и со заоблениот покрив, како на пагода. Високите страници на каросеријата обезбедија исклучителна отпорност на свивање, затоа што отсуствуваше „лимузинскиот“ попречен ѕид меѓу кабината и багажникот. Моторите исто така привлекуваа внимание. Под хаубата работеше првиот целосно алуминиумски мотор на Renault, со зафатнина од 1,5 литар и во почетокот со моќност од 55 КС.

Со текот на времето, моќноста во гамата на Renault 16 се зголемуваше до 93 КС кај врвниот модел TX од 1973 година, со мотор од 1,7 литар. Експертите го ценеа моторот поради смиреноста, еластичноста и моќта, и многумина сметаа дека тој е еден од најдобрите четирицилиндарци во тоа време. Не случајно, моторот послужи како основа за изведување на тркачките агрегати во Renault Alpine A110 и A310. Четирицилиндарецот беше вграден далеку зад предната оска и наведнат наназад, со менувачот пред него, слично како кај Renault 4. Со овој принцип на мотор вграден напред-средишно, само 55 проценти од тежината ја оптоваруваа предната оска. Големиот брат на Renault 4 го презеде и принципот на амортизација со торзиски пружини, којшто одземаше минимален простор од кабината.
Во првата година Renault продаде 69.916 примероци од моделот од вишата класа, само во Франција, за веќе во следната година продажбата да достигне 92.488 примероци. Глобално во 1970 година се продадоа близу 200.000 возила. За одличната продажба секако дека придонесе и изборот за автомобил на годината во Европа. Наследникот пристигна десет години подоцна, на салонот во Женева. Renault 20 го следеше истиот каросериски концепт и дури четири години се произведуваше паралелно со неговиот претходник. До јануари 1980, од револуционерната комбилимузина во вишата класа се произведоа 1.845.959 примероци.
















