
Купувачите често се сомневаат во издржливоста на моторите со три цилиндри во големите автомобили. Дали навистина има причина за тоа открива супертестот на 100.000 km на германскиот магазин.
Во последните 18 месеци, Ford Focus Turnier 1.0 Ecoboost беше на супертест на 100.000 километри во редакцијата на германскиот магазин auto motor und sport. Резултатот интересира многумина, особено покрај фактот што под хаубата на тестираниот Focus работи тројно крунисаниот светски мотор на годината, трицилиндарскиот Ecoboost со зафатнина од само еден литар. И покрај тоа што експертите се речиси едногласни околу овој мотор, купувачите често изразуваат недоверба во издржливоста на малечкиот Ecoboost. Постои ли навистина причина за тоа?
Според, auto motor und sport, апсолутно не! Focus ги минал стоте илјади километри „со беспрекорен биланс каков што до пред само неколку години не можеше да се замисли“. Магазинот ја користи споредбата со првиот Ford на супертест, со моделот 12M TS во 1964 година. Тогашниот супертест се вршел на само 50.000 километри, но и тоа било предизвик за механиката на возилата. Повеќепати на тогашниот тест настапувало пролизгување на спојката, опаѓање на моќноста на моторот, откачување на издувната гранка, протекување течност за ладење и откачување на пловката во карбураторот. Поради оштетување на менувачот, возилото морало принудно да се „отшлепува“ во сервис. „Тогаш, тоа беше вообичаено“, коментира auto motor und sport.
Одлични оцени и за еднолитарскиот мотор
Многумина во редакцијата биле дури изненадени што кај Focus со малечкиот трицилиндарски турбо не се случило апсолутно ништо. Според билансот на супертестот, Focus се најде рамо до рамо со досегашниот лидер во поглед на издржливоста, Toyota Auris Hybrid. Во стоте илјади километри биле вршени само замени на потрошните делови и редовно одржување. За целиот тест морало да се дотури само еден литар масло во моторот. Единствената забелешка што ја има тест-редакцијата се однесува на пријавувањето грешка во системот за надгледување на мртвите агли при околу 70.000 километри. Но, светилката што го пријавила дефектот се изгаснала веднаш по повторното стартување на моторот и не светнала повторно до крајот на супертестот.
Редакцијата потрошила дополнително само 583,46 евра за замена на сите сопирачки облоги и на предните сопирачки дискови, покрај редовните пет сервисни прегледи. Еднаш биле заменети метличките на бришачите и еднаш била извршена поправка на ветробранот поради удар од камче од патот. Focus бил штедлив и со гумите, поминувајќи 100.000 километри со само еден комплет летни и зимски пневматици, кои сепак ја достигнале границата на истрошеност на крајот на тестот.
Заклучокот на auto motor und sport: Подобро не може
Најголемиот број од забелешките за време на супертестот се однесуваат на моторот. „Одличен мотор, повлекува силно од најниски вртежи, работи смирено и мошне е тивок,“ напишал член на редакцијата. Просечната потрошувачка на целиот тест изнесува 8,2 литри на сто километри, што е далеку помалку од Focus со 130 КС тестиран во 1999 година со просек од 9,9 литри, исто како и од 12M TS со 55 КС од 1964 година, чијшто просек изнесувал 9,6 литри.
Пофалбите се однесуваат најмногу на комфорната амортизација и удобните седишта, за функционирањето на темпоматот, исто како и за системите за асистенција. Наспроти тоа, само неколку критики се искажани за недоволниот комфор на задната клупа, за сложеното ракување со неколку функции, како и со малечкиот дисплеј на системот за навигација – Ford во меѓувреме презеде корекции во тој поглед со фејслифтот на својот модел од компакт класата. Дури и лакот на возилото бил во беспрекорна состојба и речиси идентичен како на стартот на супертестот. Единствено во кабината имало неколку траги од користењето на возилото.















