Renault Kwid за 4.000 евра – само за Индија

Француската марка наскоро ќе стартува со продажба на евтиниот модел Kwid на пазарот во Индија. Моделот од локално производство ќе чини 4.000 евра, испораката стартува наесен.

Индискиот пазар е привлечен за автомобилската бранша поради огромниот пораст што во континуитет го бележи големата азиска земја. Renault во втората половина од годинава ќе започне со испорака на моделот од локално производство Kwid, откако во минатата година го претстави концептот со истото име на салонот во Њу Делхи. Евтиниот автомобил со должина од 3,68 метри и каросерија со пет врати ќе чини меѓу 4.000 и 5.500 евра на индискиот, зависно од моделската изведба. Kwid излегува во пресрет на барањата на индискиот пазар со зголеменото растојание од подлогата од 18 сантиметри и со стилски детали на теренец коишто ја нагласуваат робусноста на возилото. Во кокпитот на поопремените изведби има дигитална табла со инструменти, хромирани прстени околу отворите за проветрување и средишна конзола лакирана во црна сјајна боја. Во понуда е и мултимедиски систем со навигација и екран на допир од седум инчи.

[quote_box_right]Само 20 од илјада жители во Индија поседуваат автомобил, наспроти 105 во Кина, 300 во Русија и 600 во Европа. Лани беа продадени преку 2,5 милиони возила, а се очекува во 2020 година да бидат достигнати пет милиони возила, со што Индија би станала трет најголем пазар за автомобили во светот.[/quote_box_right]

Kwid е прв модел што ја користи новата платформа CMF-A на алијансата Renault-Nissan. Во иднина платформата ќе ја користат и останатите модели со коишто алијансата цели на пазарите во раст. Со почетокот на продажбата на Duster, Renault стана најпродавана европска марка на пазарот во Индија. Во минатиот месец и ванот Lodgy стартуваше со продажба на овој пазар. Лани од марката Renault се продадоа 45.000 примероци во Индија, што претставува огромен раст во споредба со само 1.500 продадени возила во 2011 година.

Renault засега не открива дали Kwid ќе се испорачува и на европскиот пазар, односно дали станува збор за најавуваниот евтин модел на Dacia со цена од 5.000 евра. Не се познати ниту детали околу техниката. Единствено се најавува дека платформата CMF-A ќе се користи за сите модели со коишто алијансата Renault-Nissan ќе ги освојува пазарите со рапиден раст, вклучувајќи го и новиот „стартен“ модел на романската марка.

Претходна објаваVolvo ќе ги продава своите автомобили преку интернет
Следна објаваКолку е издржлив трицилиндарецот на Ford: Тест на auto motor und sport

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here