Компактниот модел на Mercedes уште изгледа свежо и убаво, но полека ближи средината од моделскиот век, а со тоа и фејслифтот. Наесен Mercedes ќе ја претстави освежената генерација на класата А.
На форумите се појави првата фотографија на којашто се гледа конечниот изглед на освежената генерација на класата А на Mercedes. Промени во споредба со постоечкиот модел се забележуваат во формата на светлата, но драстично е сменет и изгледот на предниот браник. Страничните отвори за воздух се потесни, заради повеќе простор за широкиот средишен отвор којшто внесува поголема динамика во појавата на класата А.
Останува неизвесноста околу новитетите под хаубата, но во секој случај може да се очекува дека ќе биде извршено оптимирање на постоечките мотори во насока на натамошно намалување на емисијата на СО2, односно потрошувачката на гориво. Според шпекулациите, AMG ќе ја зголеми моќноста во топ-моделската изведба A 45 AMG, со цел да го поврати приматот на модел со најсилен мотор во компакт класата. Компактот во изведба на специјалистот од Афалтербах моментно ослободува 360 КС, но Audi RS3 веќе подолго време напаѓа со 367 КС. Во блокот на дволитарецот уште има доволно потенцијал, така што може да се очекуваат и 380 КС.
Премиерата на фејслифтот на класата А ќе се одржи во септември, на салонот во Франкфурт.
















