Швеѓаните имаат веќе 30.000 нарачки за новиот теренец од високата класа XC90. Првите купувачи штотуку ги добиваат возилата. Поради големиот интерес е воведена трета смена во фабриката во Торсланда.
Расте продажбата и на останатите модели од понудата на Volvo. Во април, шведскиот производител со кинески капитал продаде во светот 2,3 проценти повеќе возила отколку во ланскиот април, со вкупно 38.124 примероци. Најмногу возила во минатиот месец се продадоа во Западна Европа, со плус од 8,7 проценти и 14.937 возила, додека пазарот во Кина забележа пораст од само 1,8 проценти и регистрира 6.612 нови возила од марката Volvo.
Шведската марка првично планираше да вработи 1.300 нови лица поради зголемената продажба од пристигањето на новиот XC90, но со забрзувањето на производствениот погон во Торсланда, сега ќе може да вработи 200 лица повеќе, односно вкупно 1.500 нови лица. Паралелно ќе се зголемува вработувањето и кај добавувачите во Гетеборг и регионот. Volvo Cars моментно вработува 17.300 лица во Шведска, од кои 13.500 во Гетеборг и 4.800 во Торсланда. Освен во овие две фабрики, Volvo произведува и мотори во Скевде, како и каросериски компоненти во Олофстром, располага со автомобилска фабрика во Белгија и со уште три фабрики во Кина.

















