Volvo против германските премиум теренци: Ова е новиот XC90

Воведната серија со цена од преку 100.000 евра се распродаде за неполни два дена, исклучиво преку интернет и на „невидено“

Како прв автомобил од моделската офанзива на Volvo, напролет стартува новиот XC90. Престижниот теренец е полн со свежа техника и иновации. Но, и паричникот мора да биде полн.

„Мјелнир“ е шведскиот збор за буздоганот што богот на молњите Тор го користел против џинот којшто се заканувал да го уништи човештвото. Токму оваа симболика лежи во новиот дизајнерски белег на единствената преживеана марка на автомобили од Шведска. Дневните светла на престижниот теренец XC90 светат во форма на буквата Т, легната хоризонтално. Буздоганот на Тор ја означува решеноста на Швеѓаните да ги нападнат џиновите во браншата, какви што се на пример Audi Q7, Mercedes GL или BMW X5.

XC90 го означува почетокот на новата ера во Volvo. Тој е прв модел што е создаден под режија на новиот сопственик, кинескиот Geely, и прв модел што ја користи новата варијабилна платформа со ознака SPA, којашто во иднина ќе ја користат сите модели на Volvo од повисоките класи. Новиот скандинавски теренец со должина од пет метри, споредите креатори нуди само суперлативи: Најбезбеден автомобил во класата, теренец со најдобра аеродинамика и воедно со најниска тежина. При премиерното претставување на новиот XC90 во Стокхолм, првиот човек на марката, Хакан Самјуелсон, најави: „Овој модел го трасира патот за голем број нови и возбудливи модели на Volvo во следните години.“

Швеѓаните диригирани од кинеските сопственици подготвија изобилство од префинета опрема, електронски помагала и добри идеи во нивниот нов знаменосец. Дел од новите системи се автоматското запирање кога при свртување нема да се забележи автомобилот отспротива или самостојното затегнување на безбедносните ремени во случај XC90 да излета од патот. Во стандардната опрема спаѓа CitySafety, којшто сега распознава пешаци, велосипедисти и други автомобили и фрла сидро при опасност, за да ги спречи овие несакани средби или барем да ги ублажи последиците од нив. Со тоа, Volvo моментно е на првата стартна позиција во поглед на безбедноста.

Иако автомобилот е комплетно нов, уште на прв поглед се препознава дека се работи за Volvo. Највпечатливи детали во изгледот се долгата хауба, како и беспрекорно мазните површини на каросеријата, коишто оддаваат сериозност и самоувереност. Тоа во дел се должи и на големите бандажи со пречник од 22 инчи и на меѓуоскиното растојание што е за 10 сантиметри подолго отколку кај претходникот.

Под хаубата е многу поскромно, барем така изглеа на прв поглед. Сите мотори имаат четири цилиндри и два литри работна зафатнина, што е храбар чекор во премиум сегментот, каде што стандардот пропишува барем шест цилиндри. Но, бројките говорат спротивно. Битурбо дизелот D5 располага со 225 КС и вртежен момент од 470 њутнметри. Помалиот дизел со 190 КС исто така не е за отфрлање, особено покрај фабричкиот податок за просечна потрошувачка од 4,9 литри. Кој сака поубедлива спортска нота, ќе го нарача бензинецот со комбинација од механички и турбо компресор, и ќе ужива во моќта на 320-те КС.

Топ моделот е воедно и најштедливиот, со просечна потрошувачка од 2,7 литри, иако располага со 400 КС. За таа цел се користи хибридна техника, со батерии со можност за надворешно полнење. Со полни батерии, овој половина тенк од 2,4 тони може да извози 40 километри чисто на струја. Кога ќе се вклучи погонот на сите тркала, електромоторот и бензинскиот мотор посебно задвижуваат по една оска. Возачот може да избере и обата погона да работат паралелно и да се постигнат перформанси на спортски автомобил. Но, и купувачот мора да има соодветни „перформанси“ во паричникот. Кога топ моделот ќе се најде во продажните салони во следната пролет, за него ќе бидат потребни најмалку 100.000 евра.

Во секој случај, инвестицијата се исплатува, особено во оригиналноста на возилото. Рачката на осумстепениот автоматски менувач е изработена од стакло, а во средишната конзола е вграден еден вид iPad со когошто значително се намалува бројот на прекинувачи во кокпитот и на тој начин се поедноставува ракувањето. „Преживеаја“ само пет копчиња, но само заради тоа што законите ги пропишуваат. Дел од нив се прекинувачот за безбедносните трепкачи или копчето за вклучување на грејачите за задните стакла. Преку мобилна апликација може од паметен телефон да се ракува далечински со прозорците, со централната брава и со сончевиот покрив, а на истиот начин може да се закаже и термин за посета на сервисната работилница.

Volvo засега има објавено само една цена. Таканаречената First Edition од новиот XC90, со седум седишта и полна опременост, на пазарите во ЕУ ќе се нуди за 90.000 евра. Цената за верзијата со најслабиот дизел и преден погон би требало да изнесува под 50.000 евра. Швеѓаните очекуваат дека најмногу нарачки за новиот знаменосец ќе пристигаат од Кина и од САД.

Претходна објаваOpel стартува со нарачки за новата Corsa
Следна објаваNissan е на домашен терен на салонот во Москва

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here