Премиум марките ги воведуваат новите трендови и Mercedes не отстапува од таа обврска со новиот CLA Shooting Brake. Веќе вообичаено, Мак Аутостар одржа домашна премиера непосредно по стартот на европската продажба.
Стилската авангарда што CLS Shooting Brake ја воведе во вишата класа, како верзија за практичари на купе-лимузината CLS, сега следува и во компакт класата, со пристигањето на CLA Shooting Brake. Привлечноста во овој концепт со корени од британските благородни марки е во спојот на практичност и елеганција во каросериската форма, наспроти „обичните“ комби изведби, коишто поради едноставната форма ретко се оттргнуваат од имиџот на занаетчиско возило. CLA Shooting Brake е петтиот модел во гамата компактни модели на Mercedes, по комбилимузината, кросоверот GLA, лимузината CLA и ванот од класата В.
Понудата во гамата на комбито од CLA ја сочинуваат два дизели, четири бензинци и опција за погон на сите тркала 4Matic. Основен модел е CLA 180 со 122 КС, по него следуваат CLA 200 со 156 КС и CLA 250 со 211 КС, како и верзиите со погон на сите тркала CLA 250 4MATIC и CLA 250 Sport 4MATIC. Врвот во понудата му припаѓа на CLA 45 AMG Shooting Brake со 360 турбо-КС и забрзување до сто за 4,7 секунди. Моделите со дизел мотори се CLA 200 CDI со 136 КС и потрошувачка од 4,1 литри, односно CLA 220 CDI со 177 КС. Обата дизела кон крајот на годината исто така ќе бидат достапни во изведба со погон на сите тркала.
















