за

Авто-тест на ADAC: Mazda 2 Skyactiv-G 90 Exclusive Line

Третата генерација на Mazda 2 се продава во Европа од почетокот на 2015 година. Таа го носи препознатливото лице на Mazda и на прв поглед не се разликува од поголемите браќа. Со тестираниот мотор, 1,5-литарскиот бензинец со 90 КС, малечкиот автомобил бара високи вртежи. При искористување на целото работно подрачје, малечкиот Јапонец е исклучително темпераментен, но ако се остави да повлече од ниски вртежи, станува пречка во сообраќајот. Еластичноста не му е силна страна. Затоа пак, со прифатлива потрошувачка на тестот од 4,9 литри и со ниска емисија на штетни гасови, Mazda 2 освојува четири ѕвездички во еколошкиот аспект. Подвозјето е дотерано, но и натаму е типично стегнато за Mazda. За жал, Mazda исто така го следи трендот, модерните автомобили да имат мала прегледност. Основната цена од 16.290 евра (на германскиот пазар) за високото ниво на опрема Exclusive е прифатлива, бидејќи во него се веќе вклучени најважните детали од опремата. Диодните светла се речиси револуционерни за еден малечок автомобил и Mazda за нив бара доплата од прифатливи 650 евра.

Конкуренти: Citroen C3, Ford Fiesta, Hyundai i20, Kia Rio, Opel Corsa, Peugeot 208, Renault Clio, Seat Ibiza, Skoda Fabia, Volkswagen Polo

+ добри оцени за екологија, богата основна опрема, можна е доплата за диодни светла, лесен и прецизен менувач

електриката на задните прозорци нема заштита од нагмечување на прстите, тесен простор назад, слаба прегледност, нееластичен мотор, слабо греење назад

КАРОСЕРИЈА И БАГАЖНИК (3.0)
Завршна обработка (3.1)

Каросеријата на Mazda 2 е изработена примерно и солидно. Но, во деталите можело да биде и подобро. Некои делови од каросеријата не се поставени прецизно. Варовите се изведени грдо. Наспроти тоа, ентериерот е солиден и добро обработен. Изборот на материјали не задоволува секаде. Доминира едноставна тврда пластика, којашто е разубавена со апликации со изглед на карбон и алуминиум. Просторот за мотор е целосно затворен оздола. Облоги се наоѓаат и во останатиот дел од подот, заради намалување на вртложењето на воздухот и намалување на потрошувачката. Капакот на резервоарот се отвора само преку рачката во кабината и не е поврзан со централната брава. Отворите за врата се добро заштитени однадвор, но нема лајсни на праговите, за заштита од гребаници.

Нема странични лајсни за заштита од оштетување на паркиралиште. Браниците исто така се едноделни и во најголемиот дел се лакирани. Поради тоа, дури и малите оштетувања се скапи за поправка. Хаубата се потпира само со примитивна шипка. Амортизери би биле подобра алтернатива. Резервоарот за гориво може по грешка да се наполни со дизел, што би повлекло скапи поправки.

Практичност (3.0)

Дозволената носивост од 460 kg (со возач) е во ред. Дозволената тежина на потпирање врз куката изнесува пристојни 50 kg.

+ Со едно полнење на резервоарот од 44 литри, Mazda 2 постигнува досег од околу 895 километри (според еко-потрошувачката). Во внатрешноста има доволно простор за четворица патници. Со компактната каросерија, Mazda е доста подвижна првенствено во градски сообраќај.

Максималната носивост на товар на покривот од 50 kg е скромна. Разочарува и дозволената тежина на приколка со сопирачки од 900 kg и приколка без сопирачки од 515 kg. При продупчување на гума има на располагање само сет за лепење гума, којшто нуди помош само при помали оштетувања. Дигалка и клуч за навртките на тркалата не се испорачуваат.

Прегледност (2,9)
Првиот графикон се однесува на попречувањето на видното поле од рамките на прозорците и од потпирачите за глава. Ретровизорите се оценуваат според видното поле од возачкото место. Последниот графикон се однесува на видливиот простор директно пред и зад возилото.
Првиот графикон се однесува на попречувањето на видното поле од рамките на прозорците и од потпирачите за глава. Ретровизорите се оценуваат според видното поле од возачкото место. Последниот графикон се однесува на видливиот простор директно пред и зад возилото.

Подрачјето зад возилото е слабо видливо поради високопоставеното задно стакло. Големината на внатрешниот ретровизор исто така е недоволна. Бришачите оставаат неизбришан голем дел од ветробранот при дожд.

+ Компактните димензии се проценуваат добро, подрачјето пред возилото се гледа добро поради нискиот преден дел. Надворешните ретровизори се големи и овозможуваат добра прегледност. Левиот ретровизор поседува асферично подрачје, со што значително се смалува мртвиот агол. Mazda е опремена сериски со халогени светла, но тест возилото беше опремено со опционалните диодни светла, коишто нудат одлично осветлување и природна боја на светлото. Во пакетот светла се вклучени и дневни светла со диодна техника.

При мерењето на прегледноста, Mazda 2 доби слаба оцена. Дебелите кровни столбови значително ја ограничуваат прегледноста. Како единствена помош при паркирање се испорачуваат задни паркинг-сензори со звучно предупредување, но и тие се добиваат само со доплата.

Влегување и излегување (3.0)

Праговите на вратите се ниски и не се премногу широки, со што се олеснува влегувањето во возилото. Но, линијата на покривот е релативно ниска, поради што многу високите луѓе можат да удрат со главата. Назад исто така се пристапува добро. Отворите за врата се големи, но вратите можело да се отвораат пошироко. Далечинската контрола за отклучување и заклучување на возилото има малечки копчиња, коишто може да се помешаат. Прозорците не се отвораат со далечинска контрола.

Дебелите столбови и малечкото задно стакло што е поставено високо ја намалуваат видливоста наназад.
Дебелите столбови и малечкото задно стакло што е поставено високо ја намалуваат видливоста наназад.

+ Предните светла продолжуваат да работат кусо време по излегувањето, заради осветлување на патот до дома.

Дршка во покривот има само кај совозачот. Централната брава може да се заклучи и при отворен заден капак. Тоа остава можност клучот да остане во возилото.

Зафатнина на багажник (3,1)

Зафатнината на багажникот од 240 литри (до полицата) е скромна. При отстранување на полицата и товарење до покривот останува простор од 330 литри. Во тој случај може да се натоварат пет гајби со пијалоци зад клупата. Со соборување на задната клупа се добива простор од 590 литри до работ на прозорците. Ако се искористи целиот простор до покривот, може да се натоварат 930 литри.

Пристапност на багажникот (3,2)
Зафатнината на багажникот од 240 литри е иста како кај претходникот
Зафатнината на багажникот од 240 литри е иста како кај претходникот

+ Задниот капак се отвора лесно, иако отворот околу рачката е многу тесен. Под отворен капак може да застане човек висок до 1,85 метар. Формата на багажникот е правилна. Поради малата длабочина може лесно да се посегне по деловите од багажот. Отворот на багажникот се карактеризира првенствено со голема висина.

Товарот мора да се крева високо преку високиот товарен праг (75 cm над патот, 25 cm над подот на багажникот). Светло има само од едната страна и недоволно го осветлува багажникот. По соборувањето на задната клупа се добива високо скалило коешто го отежнува товарањето.

Приспособливост на багажникот (2,9)

Задната клупа се соборува во сооднос 1/3 : 2/3. Нема прегради за ситни предмети. Отстрана има затворен простор, а под подот на багажникот може да се остават ситните предмети.

+ Задната клупа се соборува лесно, од напред и од назад.

При невнимателно исправување на клупата може да се заглават безбедносните ремени и да се оштетат на тој начин.

ВНАТРЕШНОСТ (2,7)
Добра функционалност на кокпитот, завршната изработка одговара на стандардите во класата
Добра функционалност на кокпитот, завршната изработка одговара на стандардите во класата
Ракување (2,5)

+ Ракувањето во Mazda 2 во најголемиот дел е јасно и не бара долго привикнување. Воланот има широко подрачје на длабинско и висинско местење. Педалите се поставени правило, со тоа што педалата за гас се потпира на подот, овозможувајќи покомфорно притискање. Палењето е преку осветлено копче за стартување, поставено на пристапно место, но покриено од рачката за бришачите. Клима уредот е поставен доста ниско, но ракувањето е лесно и едноставно. Дисплејот на радио-навигацискиот систем е поставен оптимално. Ракувањето е преку контролерот, копчињата на воланот и екранот на допир, иако водењето низ менито во делови е нелогично. Инструментите се прегледни. Дисплејот е достап мал, но сигналите се читаат јасно.

При префрлувањето од гасот на сопирачките може ненамерно да се закачи ѓонот на педалата на сопирачките. Прекинувачот за светла се наоѓа во рачката за трепкачите и положбата не се чита или чувствува во темница. Прекинувачите за внатрешното светло, за местењето на ретровизорите, за прозорците (освен за возачкиот) и малата касета не се осветлени. Рециркулацијата не се исклучува автоматски и останува дури и по исклучувањето на палењето. Автоматика и заштита од нагмечување има само за возачкиот прозорец. При исклучено палење работи само тој прозорец. Потпирачите за грб на предните седишта имаат груби степени. Преградите за предмети напред и назад се скромни. Назад нема посебно осветлување. Кога вратите се отворени до крај не може да се досегнат ако патникот има ставено безбедносен ремен.

Просторна понуда напред (2,2)

+ Напред има доволно простор за лица високи до 1,90 метар. Слободниот простор над главата и внатрешната ширина се натпросечни. Ниту субјективно не се чувствува стеснетост.

Просторна понуда назад (4,2)

– Просторот за нозе е доволен само за патници со висина до 1,70 метар. Слободниот простор над главата е малку пообемен, внатрешната ширина е задоволителна. Седењето е ниско, работ на прозорците е висок и на тој начин се стекнува чувство на стеснет простор.

КОМФОР (3,0)
Амортизација (2,7)

Mazda 2 има стегнато подвозје. Малечкиот автомобил е сигурен на подолгите нерамнини. Кусите нерамнини предизвикуваат постојано потскокнување на каросеријата, што предизвикува извесна нервоза и непријатност кај патниците. Наспроти тоа, подвозјето доста добро ги апсорбира грубите ударни дупки и попречните пукнатини. Страничното наведнување е малку поизразено, но затоа нема клатење на каросеријата. Малечкиот автомобил добро амортизира и на калдрма. При натовареност не се менува основната карактеристика на Mazda 2, туку таа дури станува и покомфорна.

Седишта (2,8)

Предните седишта имаат добри контури, иако потпирачите за грб се скроени доста тесно. За висината на потпирачите за грб нема забелешки. Предните седишта нудат доволна странична поддршка во свијоци. Седиштата се исполнети удобно, возачот седи релаксирано. Потпирачот за стопало можело да биде подолг. Задната клупа е недоволно контурирана. Исполнувањето е претенко, особено во делот на грбот. Седењето е ниско, бутовите не се потпираат добро.

Нема местење во делот на слабините, исто како и висинско местење за совозачкото седиште

Внатрешна бучава (2,7)

Нивото на бучава од 69,8 dB измерено во кабината при брзина од 130 km/h не е особено ниско. Моторот брбори, но не е гласен. Единствено звуците од ветрот се слушаат малку поизразено.

Климатизација (3,7)

Клима уредот се вградува сериски, но не се нуди автоматика. Греењето е прифатливо на предните седишта.

Температурата и распределбата на воздух можат да се местат само во целина; нема одделни подрачја. Назад е послабо греењето.

МОТОР И ПОГОН (2,5)

Бензинецот од 1,5 литар бара високи вртежи. Кога ќе се искористи целото подрачје на вртежи, малечкиот автомобил спринтува темпераментно. Но, еластичноста не е меѓу неговите посилни страни. Со 90 КС, тој го совладува симулираното престигнување од 60 до 100 km/h за само 6,6 секунди, мерено во вториот степен. Скромниот вртежен момент од 148 Nm се достига дури при 4.000 вртежи. Поради тоа, мерењето на еластичноста е игра на трпение. Во четвртиот степен се потребни 14,4 секунди, а во петтиот 23,6 секунди.

Култивираност во работата (2,7)

+ Малечкиот четирицилиндарец работи мошне култивирано. Вибрациите во внатрешноста се чувствуваат незначително. При ниски вртежи тој е речиси нечуен. Во средното подрачје машината работи грубо, но не оптоварува. Mazda станува мошне гласна само при високи вртежи.

Менувач (1,9)

+ Менувачот има прецизни и лесни одови. Особено одушевуваат кусите одови на менувачот и прецизноста. Единствено при префрлување во петиот степен рачката може малку да заглави. Спојката се дозира добро, промените на степен не се чувствуваат. Автоматскиот старт-стоп работи беспрекорно, дури и кога менувачот пред притискањето на спојката ќе се префрли во степен.

Кога ќе се вклучи степенот за наназад додека возилото уште се движи, се слуша гласно крчење од менувачот.

Степенување на менувачот (3,0)

Петстепениот менувач одговара на моторот. Ако често се менуваат степените, Mazda 2 може да се вози доста брзо. Агилноста на автомобилот зависи од тоа колку возачот работи со менувачот. При 130 km/h, моторот работи со 2.900 вртежи во највисокиот степен на пренос. Менувачот не треба да биде пресметан подолго од тоа.

ВОЗНИ СВОЈСТВА (2,7)
Возна стабилност (2,7)

При тестот на избегнување на пречка на ADAC, малечкиот автомобил не е особено сигурен. Уште при првото свртување на воланот тој покажува изразено подуправување. Овој ефект се засилува уште повеќе при вртењето на воланот во спротивната насока. Возилото почнува да потскокнува, тркалата го губат контактот со подлогата. ESP се вклучува остро, брзината се намалува драстично. Од возачот се бара да реагира, но нема опасност од извртување или превртување. При ненадејно кусо завртување на воланот, каросеријата се наведнува значително. Тоа е необично, но се контролира добро. Држењето правец е беспрекорно. Контролата на тракција спречува погонско пролизгување на тркалата. Во брзи свијоци, Mazda кротко пролизгува преку предните тркала. Но, ако се предизвика промена на оптоварување со одземање гас, опашот тежнее да излизга нанадвор.

Управување (2,4)

+ Средишната положба на управувањето не е центрирана оптимално, а реакцијата исто така би требало да биде побрза. Но, како што се зголемува аголот на вртење, така управувањето почнува да произведува убедливо странично водење со мало доцнење. Со автомобилот се управува прецизно на кривулести патишта, а возачот добива добра повратна информација. Преносниот однос е релативно директен, со три вртежи од крај до крај. Силата за вртење при паркирање е ниска. Кругот на вртење од 10,4 метри е во задоволителното подрачје за оваа класа возила.

Сопирачки (2,8)

Патот на сопирање од 100 km/h до место, со 38,7 метри е во задоволителното подрачје. При сопирањето во свијоци, задниот дел е мошне чувствителен и ја напушта трагата.

+ Дозирањето на сопирачките е добро и реакцијата е спонтана. Ослабување поради прегревање не се регистрира ниту при поголемо оптоварување на сопирачките.

БЕЗБЕДНОСТ 2,3
Активна безбедност – Системи за асистенција (2,3)
Пасивна безбедност – Патници (2,1) 
Безбедност на деца (2,8)
Заштита на пешаци (1,7)
ПОТРОШУВАЧКА И ЖИВОТНА СРЕДИНА (2,0)
Потрошувачка и емисија на СО2 (2,6)

Билансот на СО2 на Mazda 2 Skuactiv-G 90 изнесува 132 g/km, што е доволно за 34 бодови во поглавјето за СО2 на еко-тестот на ADAC. Оттаму произлегува просечна потрошувачка од 4,9 литри на сто километри. Малечкиот Јапонец во град троши 5,4 L/100 km, на отворено 4,2 L/100 km и на автопат 5,9 L/100 km.

ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ И МЕРНИ ВРЕДНОСТИ

(вредностите со задебелени букви се измерени на тестот)

4 цилиндарски, бензински Класа на емисија Euro 6
Работна зафатнина 1496 ccm
Моќност 90 КС при 6000/min
Вртежен момент 148 Nm при 4000/min
Погон напред
Менувач 5-степен мануелен менувач
Димензија на гуми 185/65 R 15H
Димензија на гуми на тест возило 185/65 R 15H
Сопирачки напред/назад Диск/барабан
Круг на вртење лево/десно 10,2/10,35 m
Крајна брзина 183 km/h
Забрзување 0-100 km/h 9,4 s
Меѓузабрзување 60-100 km/h (II. степен) 6,6 s
Пат на сопирање од 100 km/h 38,7 m
Фабричка потрошувачка на 100 km 4,5 L
Потрошувачка на 100 km на тестот 4,9 L
Потрошувачка на тест град/пат/автопат 5,4/4,2/5,9 L
Емисија на СО2 според фабрика 105 g/km
Емисија на СО2 на тестот 132 g/km
Внатрешна бучност при 130 km/h 69,8 dB(A)
Должина / Ширина / Висина 4060 / 1695 / 1495 mm
Тежина на празно возило / Носивост 1045 kg / 460 kg
Багажник (до полица / до раб на прозорци) 240 L / 590 L
Приколка без / со сопирачки 515 kg / 900 kg
Носивост на покрив 50 kg
Резервоар 44 L
Досег 895 km
Гаранција 3 години / 100.000 km
Гаранција од корозија 12 години

 

ЛЕГЕНДА ЗА ОЦЕНИ
Одлично 0,6 – 1,5
Многу добро 1,6 – 2,5
Добро 2,6 – 3,5
Доволно 3,6 – 4,5
Недоволно 4,6 – 5,5
ГАЛЕРИЈА СО ФОТОГРАФИИ ОД MAZDA 2

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автотест на ADAC: Како функционираат системите за асистенција во Volkswagen Passat

Mercedes CLA Shooting Brake во салонот на Мак Аутостар