Сезоната на возење кабриолети е официјално отворена за Porsche. Спортската марка го претстави родстерот со мотор од 911 Carrera, скроен по пример на легендарниот модел 718 Spyder.
Porsche ја отвора сезоната на возење кабриолети со новиот Boxster Spyder. Пуристичкиот родстер е претставен премиерно на салонот во Њујорк, како врвен модел во гамата на Boxster. По пример на култниот Spyder, платнениот покрив се место рачно и моделот се нуди исклучиво со мануелен менувач.
Спортското подвозје е спуштено за 20 милиметри во споредба со стандардниот модел, сопирачките потекнуваат од 911 Carrera, управувањето работи подиректно, а моторот е 3,8-литарски боксер со шест цилиндри и моќност од 375 КС. Spyder е најлесната, а воедно и најсилна верзија на Boxster во историјата на моделот. Спринтот до сто трае 4,5 секунди, крајната брзина е 290 km/h.
Во изгледот се користени стилски елементи од легендарните спортски и тркачки модели на Porsche. Два „стримлајнери“ се провлекуваат по должината на задниот капак, како потсеќање на 718 Spyder од 1960-те години. Лесниот покрив исто така потсеќа на поранешниот родстер. Предниот и задниот дел потекнуваат од неодамна претставениот Cayman GT4, братот на Boxster со купе каросерија.
Ентериерот е скроен да понуди максимално уживање во возењето, со лесни школкасти седишта со силна странична поддршка и спортски волан со пречник од 360 милиметри. Заради намалување на тежината, радио и клима уред не се вградуваат стандардно, но кој сака може да побара истите да се вградат по посебна нарачка.
Продажбата стартува во јули, а цената според германскиот ценовник изнесува 79.945 евра.
















