Американско семејство што го загубило своето четиригодишно дете во пожар во возило на Jeep ќе добие отштета од производителот во висина од 150 милиони долари.
Американски суд донесе одлука производителот на автомобили Chrysler-Jeep да исплати отштета во висина од 150 милиони долари по смртта на нивното четиригодишно дете во пожар во возило. По двонеделната судска постапка, поротата го прогласи производителот за виновен во случајот со смртта на детето во 2012 година.
Jeep не ги информирал клиентите дека при удар одзади од друго возило може лесно да произлезе пожар поради положбата на резервоарот за гориво во задниот дел од возилото. Концернот Fiat-Chrysler, чијшто дел е марката Jeep, не се согласува со одлуката и најавил поднесување тужба.
Во минатото Jeep мораше да повика 1,56 милион возила поради чувствителната положба на резервоарот за гориво. Примерокот на Jeep Grand Cherokee од 1999 година, во когошто загинало детето, не било опфатено во големиот сервисен повик. Адвокатот на семејството тврди дека детето би било заштитено подобро при судирот, доколку резервоарот за гориво не бил вграден толку назад во возилото.
Ова не е највисоката сума што автомобилски концерн ја има платено како отштета. Во 1999 година, General Motors требаше на двајца возачи на Chevrolet да им исплати 4,9 милијарди долари. Нивниот автомобил се запалил откако во задниот дел удрило друго возило. По тужбата, сумата беше намалена на 1,2 милијарда долари.
















