Најголемиот мото-производител во светот денес го најави концептот Bulldog за салонот на мотоцикли во Токио. Мотоциклот е наменет за „активно уживање во животот на отворено“.
Honda ја најавува следната револуција во светот на мотоциклите. Концептот Bulldog е развиен според замислата „Lovable Touring Partner“ и дизајниран е да ги надмине границите на денешните мотоцикли за рекреација, со цел да понуди „активно уживање во животот на отворено“. Основа на концептот Bulldog се тркалата од 15 инчи со широки гуми и ниското тежиште на мотоциклот, вклучувајќи седиште на висина од 730 милиметри. Робусниот, но шармантен стил, според дизанерите на Honda треба да предизвика насмевки не само кај мотоциклистите, туку и кај луѓето што досега не размислувале да возат мотоцикл.
Четиритактниот мотор со два цилиндра во линија и две брегасти вратила, со зафатнина од 400 сантиметри кубни поседува моќен карактер, но лесен е за владеење во широк дијапазон на услови на возење. Bulldog е опремен со багажници напред и назад што се доволно цврсти да носат и опрема за кампување, а странично на резервоарот за гориво се наоѓаат доолнителни прегради, коишто воедно му даваат и стилски белег на мотоциклот.
Bulldog ќе биде прикажан премиерно на 42-от салон на мотоцикли во Токио, којшто почнува во следниот петок, на 27-ми март, во Tokio Big Sight.
















