Изјавите од Honda звучеа мошне самоуверено кога новиот Civic Type R се најавуваше како нов рекордер во класата. Имало и причина за тоа. Рекордот на Нирбургринг бил поставен уште лани во мај.
На светската премиера на новиот Civic Type R на салонот во Женева, Honda објави дека тест-прототипот постигнал време од 7 минути и 50,63 секунди на легендарниот „Северен Јазол“ долг 20,8 километри, на патеката Нирбургринг во Германија. Никој компакт со преден погон не постигнал побрзо време од тоа, Type R е новиот рекордер во класата.
Рекордот бил поставен во завршната фаза од тестирањето на Civic Type R во мај 2014 година. Моторот, подвозјето, погонот, издувот, сопирачките и аеродинамиката се идентични со серискиот модел. Единствена разлика е во отстранувањето на клима уредот, совозачкото седиште и радиото, заради компензирање на дополнителната тежина од заштитниот кафез во кабината.
На тестирањето се користени стандардни бандажи од 19 инчи, со исто така стандардни гуми 235/35R19, развиени посебно за ултимативниот Civic.
Но, се чини дека во Honda имаат уште скриени адути и најавуваат дека Civic Type R повторно ќе излезе на Нирбургринг подоцна годинава, за да постави нов рекорд. Продажбата стартува летово.
http://youtu.be/a9G7N0_M9Rc

















