Со двата концептни автомобили, Suzuki ќе ги најави наследниците на Swift и Jimny на салонот во Женева. Идниот Swift ќе има можне динамична линија и поголеми димензии од сегашниот.
Јапонскиот специјалист за малечки возила и погон на сите тркала се подготвува за комплетирање на обновувањето на моделската гама. По одличнo прифатениот кросовер SX4 S-Cross и спортскиот теренец Vitara, чијшто пазарен старт се очекува напролет, Suzuki набрзо ќе ги претстави новиот Swift и новата генерација на култниот теренец Jimny.
Производителот засега ги објави само фотографиите од обата концепта, без повеќе детали околу техниката и најави за почеток на продажбата. Концептот iK-2 го најавува идниот Swift како градски автомобил со динамичен дизајн и флуидна линија, со силно закосен заден ден и впечатлив раб по должината на каросеријата. За разлика од претходните генерации на Swift, во коишто приоритетот се ставаше на изведбата со три врати, овојпат Suzuki се приклучува на „главната струја“ и му дава поголема универзалност на својот градски автомобил, приближувајќи го до Polo, Fiesta и другите модели од класата.

Вториот концепт е iM-4, во когошто се наѕира идниот Jimny. Фотографијата открива малечок теренец со поостри линии во споредба со „цивилните“ модели на Suzuki, со куси каросериски превиси напред и назад и моќно испакнати крила со простор за големите тркала. Suzuki очигледно размислува да го понуди наследникот на Jimny и во верзија со пет врати. Конкретните детали за двата модела ќе бидат познати по премиерата во почетокот на март.
















