Возењето со дебела зимска јакна не е безбедно. Тоа го докажаа тестирањата на ADAC. Поради недоволното налегнување на ременот врз телото, голема е опасноста од повреда.
Седнувањето зад воланот со зимски мантил или дебела јакна полнета со перја ја зголемува опасноста од повреда, пораи недоволното налегнување на безбедносниот ремен врз телото. Тоа го покажа тестирањето на ADAC. Клубот симулираше секојдневна ситуација во којашто кукли на возрасен патник и дете со навлечена зимска облека беа врзани со безбедносен ремен на предното, односно во детското седиште.
Тестирањето се состоеше во тоа што лизгачката санка со наместени кукли беше сопрена нагло од брзина од 16 километри на час, како симулација на налетување во друго возило при сообраќај во град. Експертите на клубот утврдија дека како резултат од судирот, горниот дел од ременот се забива длабоко во стомакот. Фолкер Занднер, раководител на одделот за безбедност на возила во ADAC коментира: „Тоа може да има тешки последици врз меките делови, како цревата, црниот дроб или слезенката.
Дури и при нагло сопирање може да дојде до помали повреди. Поради дебелото полнење на зимската облека останува слободен простор меѓу ременот и телото, а покрај тоа ременот налегнува неправилно врз долната стомачна празнина, место врз куковите. Поради тоа, се препорачува при седнувањето во автомобилот да се соблече зимската јакна или мантилот, или тие да се постават над ременот.
















