Новиот XE ќе биде првиот модел со знак на Jaguar што ќе се произведува и во Кина. Таму ќе се произведуваат и престижните теренци на Land Rover. Очигледно дека традицијата повеќе не им е важна на Британците.
Новата лимузина од средната класа на Jaguar ќе се произведува во новоизградената фабрика на Jaguar Land Rover во Чангшу, покрај Range Rover Evoque и Land Rover Discovery Sport. Почетокот на производството на Jaguar XE во Кина уште не е потврдено. Evoque излегува од заедничката фабрика со Chery веќе од октомври.
Стартот со производството во Кина е дел од амбициозниот план за проширување на Jaguar, со којшто се предвидува до 2016 година да се лансираат најмалку три нови или освежени модели. Продажбата на новиот XE во Европа ќе започне во мај, а до завршетокот на годината ќе биде претставена и новата генерација на XF, „британскиот“ конкурент на серијата 5 на BMW и Audi A6. Потоа следи уште кросоверот од средната класа, базиран врз веќе прикажаната студија C-X17 SUV. Според аналитичарите, Jaguar ќе ја зголеми продажбата на 200.000 возила до 2017 година, во споредба со очекуваните 80.000 возила во 2014 година.
Капацитетот на фабриката во Кина ќе достигне 130.000 примероци до 2016 година, а веќе во следната година ќе се отвора и фабрика за мотори. Со тоа, XE ќе биде прв модел на Jaguar што целосно е произведен надвор од Британија. Фабриката во Индија моментно монтира возила од готови китови. Индија е воедно и новата „татковина“ на Jaguar и Land Rover – откако традиционалните британски марки отидоа под Tata Motors.
Во 2016 година ќе следува и отворање фабрика во Бразил, со капацитет за 24.000 возила. Прв модел од неа ќе биде новиот Land Rover Discovery Sport. Во почетокот, фабриката исто така ќе работи со готови китови испорачани од Британија. Веќе подолго време се шпекулира дека Jaguar Land Rover е во преговори за отворање фабрика во Саудиска Арабија, исто како и за фабрика во САД.
















