Меѓу првите авиокомпании во Европа, TNT Airways доби одобрение за замена на тешките пилотски куфери со iPad во кокпитот на авионите.
Од 1-ви јануари 2015, TNT Airways ќе користи iPad како „Electronic Flight Bags“. Со воведувањето на iPad Air се заменуваат печатените прирачници тешки по 50 килограми што пилотите досега мораа да ги носат со себе. Белгиската централа за летање го издаде одобрението за авиокомпанијата, којашто е една од првите во Европа. Кокпитот во целата авионска флота ќе се модифицира за користење на iPad, вклучувајќи го и полетувањето и приземјувањето. Сите печатени документи ќе се отстранат од автионите до крајот на годинава.
Авиокомпаниите во САД веќе подолго време го користат iPad како „електронска летачка торба“, а American Airlines е прва што доби одобрение за тоа кон крајот на 2012 година. Префрлувањето на полесните таблети ќе придонесе за намалување на потрошувачката на гориво, за полесно централно управување и побрзо обновување на документацијата.
















