Новите Opel Corsa и Mazda2 на прва споредба во Auto Bild

Фото: Auto Bild

Водечкиот европски магазин Auto Bild ги зеде на прва споредба новите противници на Volkswagen Polo, во поскапите верзии со мотори од 115 КС и напредна безбедносна опрема.

Магазинот Auto Bild уште во почетокот на споредбата наведува дека некогашните „слатки малечки“ во меѓувреме доста созреале. Тоа особено важи за напредната електронска опрема, којашто до пред само неколку години беше достапна дури кај моделите од средната класа. Corsa, на пример, располага со предупредување при опасност од судир, системи за читање сообраќајни знаци и за самостојно паркирање, или за следење лента, додека Mazda2 дополнително располага со проекциски дисплеј, како прв модел во класата.

За кокпитот во новата Corsa, Auto Bild коментира дека е „освежен, попрегледен и со пристоен квалитет“. Натаму, новиот модел на Opel располага со „подиректно управување, подобар менувач и повисок возен комфор“ во споредба со претходникот – иако во основа се работи само за потемелен фејслифт. Новиот трицилиндарски турбо има „активни 115 КС и пристојни манири“.

Магазинот го пофалува моторот со 115 КС во Mazda, со екстремно висока компресија и со спортски амбиции. Благодарение на пониската тежина (1.055 наспроти 1.163 килограми во Corsa), спортските својства на Mazda2 се повеќе нагласени отколку кај Corsa. Пониската тежина би требало да се рефлектира и во потрошувачката на гориво, особено покрај фактот што Mazda е стандардно опремена со системот за повраток на енергијата при сопирање i-Eloop. Предностите на Corsa, пак, се во „поквалитетните седишта, поголемата просторност на задната клупа и во покомфорната амортизација“. Во заклучокот во споредбата, Auto Bild посочува на различниот карактер: „Mazda е помодерна и поспортска, додека Corsa е посериозна и покомфорна. Но, обата модела се во одлична форма.“ Споредбата со бодови, очекувајќи и други конкуренти од класата, би следела наскоро во магазинот.

Претходна објаваНовата Skoda Fabia со фотографии од сопственикот
Следна објаваSony развива паметен часовник од Е-хартија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here