Новата Skoda Fabia со фотографии од сопственикот

Сопствениците на новата Skoda Fabia стануваат дизајнери на своите автомобили. Skoda печати фолии по дизајн на сопственикот, коишто потоа се лепат во кокпитот.

Чешката марка на Volkswagen најави иновативни можности за индивидуализација на стилот на новата Fabia и сега дознаваме што точно се подразбира под тоа. Возачите на Fabia можат преку националните интернет страници на Skoda да „закачат“ сопствена фотографија, од којашто потоа се изработува индивидуална украсна фолија за лепење над касетата од совозачката страна.

Вкупно 125 различни конфигурации на бои се можни кај новата Fabia, со можност сопствениците да изберат боја по личен вкус за покривот, предните столбови, ретровизорите, па и алуминиумските бандажи. Но, идеите на Чесите не запираат тука. Декоративните фото-фолии за арматурната табла се уникати креирани од самите сопствениците на Fabia, со димензии 30 х 12 сантиметри.

Постапката е крајно едноставна. Преку националните интернет страници на Skoda се пристапува до „продавницата за фолии“. Потоа се избира дали кокпитот на Fabia е изведен во пиано-бела или во пиано-црна боја. Моментно изборот е ограничен само на овие две бои. Сопственикот потоа ја „качува“ фотографијата по желба, ја крои и ја приспособува според мустрата. За тие што не сакаат да експериментираат, Skoda нуди и однапред подготвени мотиви.

По потврдата на нарачката, Skoda Parts Center во Млада Болеслава започнува со изработка на фолијата, којашто по извршеното плаќање се испорачува на адреса на клиентот или кај дилерот на Skoda. Процесот трае три до десет работни денови, а цената за сет од две парчиња изнесува 25 евра. Производителот препорачува лепењето да се изврши кај партнер на Skoda, кадешто следува и 24-месечна гаранција. Фолиите се одлепуваат лесно и може да се заменуваат неограничено.

Претходна објаваТристотини милиони мотоцикли од Honda
Следна објаваНовите Opel Corsa и Mazda2 на прва споредба во Auto Bild

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here