
Шефицата на General Motors при посетата на Риселсхајм потврди дека кон крајот на декадата Opel ќе добие втор знаменосец покрај Insignia. Станува збор за наследникот на Zafira.
Како што се шпекулира подолго време, Opel планира наследникот на ванот Zafira да го претстави како кросовер, што воедно ќе биде позициониран на рамниште со лимузинскиот знаменосец Insignia. При втората посета на фабриката во Риселсхајм во оваа година, шефицата на General Motors, Мери Бара, не посочи дека станува збор конкретно за идната Zafira, но затоа потврди дека „кросоверот ќе биде втор знаменосец на марката покрај Insignia.“ За таа цел, General Motors ќе инвестира 245 милиони евра во производството на идниот кросовер од средната класа.

Покрај тоа, Бара најави и дополнителни инвестиции во производството на новата фамилија мотори и менувачи во Риселсхајм, Кајзерслаутерн и во полскиот Тиши во висина од преку половина милијарда евра. „Opel е од голема стратешка важност за GM. Моделската офанзива на Opel со 27 нови модели и 17 нови мотори стартуваше мошне успешно. Овие дополнителни инвестиции ќе придонесат да се обнови имиџот на марката и да се зајакне нашата позиција во Европа,“ изјави Бара.
















