за

Моделско освежување за најмалечкиот Audi

2. AUDI A1, продадени примероци 46,668 (-9.2%)

Од стартот во 2010 година се продадени преку половина милион примероци од Audi A1. Моделот заслужи освежување: Нови бои, нови мотори, ново управување, нова опрема.

Најмалечкиот модел на Audi се покажа како вистински погодок. Од стартот во 2010 година, марката од Инголштат продаде преку половина милион примероци од A1 и неговиот брат со пет врати A1 Sportback. За втората половина од моделскиот век, A1 доби освежување во надворешниот и внатрешниот дизајн, но има промени и во подвозјето, што значително ја подобруваат управливоста.

Понудата од погонски единици ја сочинуваат шест мотори, дел нови, дел усовршени. Со фејслифтот за прв пат се нудат новите трицилиндарци – бензинецот 1.0 TFSI со 95 КС и дизелот 1.4 TDI со 90 КС. Обата мотора се вградуваат и во освежената генерација на Polo, како и во новата генерација на Skoda Fabia. Просечната потрошувачка на сите мотори се намали за десет проценти, а дијапазонот на моќност се движи меѓу 90 и 192 КС. За сите мотори може да се доплати комбинација со седумстепен менувач со двојна спојка S tronic. Новитет е и електромеханичкото сервоуправување со прогресивна работа. Доколку возилото располага со системот Audi drive select, возачот може да избере поостра или помека реакција на управувањето, вклучувајќи и менување на тврдината на амортизацијата.

Новите пакети на опрема design и sport им овозможуваат на купувачите да постигнат уште поголема индивидуалност на возилото. На располагање стои и „active kit“ со којшто се нагласува урбаниот карактер на Audi A1. Станува правило секој фејслифт да вклучува и нови можности за поврзување и користење услуги, за да се излезе во пресрет на новите генерации паметни телефони и преносни уреди. Врвот во ова подрачје го нуди MMI Navigation plus, со китот Audi connect. Овој кит нуди пристап до интернет услугите на Audi connect, како и WLAN-Hotspot.

На врвот на понудата остануваат Audi S1 и S1 Sportback со 231 КС и постојан погон на сите тркала. Оваа мини ракета спринтува за 5,8 секунди до сто. Подвозјето е дотерано исклучително спортски, а впечатливите спојлери и четирите издувни цевки јасно укажуваат дека се работи за топ моделот во гамата на А1.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi произведува гориво од издувни гасови

Единствениот преживеан Supersport во музејот на Skoda